Финансиските проблеми на Франција отвораат сериозни прашања за иднината на Европската Унија и способноста на европските институции да се справат со нова голема должничка криза.
За разлика од грчката криза пред повеќе од една деценија, евентуалните финансиски потреси во Франција би имале многу пошироки последици, со оглед на тоа што станува збор за втората најголема економија во Унијата.
Загриженоста дополнително се зголеми откако француското Национално собрание го отфрли владиниот предлог-буџет, додека буџетскиот дефицит достигна 5,1 отсто од бруто домашниот производ (БДП) – највисоко ниво во речиси 25 години. Јавниот долг надмина 115 отсто од БДП, а рејтинг-агенцијата „Fitch“ ја промени перспективата за кредитниот рејтинг на земјата од стабилна во негативна.
Според анализата објавена од „Oilprice“, ваквиот развој на настаните го наметнува прашањето колку е блиску Франција до ситуација во која нема да може да ги исполнува обврските кон доверителите. Последиците од евентуален државен банкрот би биле далеку поголеми од оние што ги предизвика грчката криза, бидејќи би ја разнишале довербата во еврото и во финансиската стабилност на еврозоната.
Едно од можните сценарија за спречување таков исход би било финансиска интервенција на Европската централна банка (ЕЦБ). Но, евентуалната помош за Франција би претставувала огромен товар за Германија, чија економија и самата се соочува со сериозни предизвици.
Германската индустрија веќе подолг период е под притисок од високите трошоци, зелените регулативи и геополитичките потреси, меѓу кои војната меѓу Русија и Украина и кризите на Блискиот Исток. Затоа, според анализата, не е извесно дека Берлин би можел лесно да прифати финансиско спасување на француската економија.
Политичката нестабилност ја продлабочува кризата
Економските проблеми се надоврзуваат на длабоката политичка нестабилност во Франција. Од 2022-ра година досега, во времето на претседателот Емануел Макрон се смениле пет премиери, што укажува на тешкотиите во обезбедувањето стабилно парламентарно мнозинство и спроведувањето на владините политики.
Дополнителен предизвик претставуваат претседателските избори во мај следната година. Според анализата, Марин Ле Пен има сериозни шанси да победи, но не е јасно дали нејзината евентуална победа би донела решение за економските проблеми или би ја принудила да ги прифати условите и ограничувањата што ги поставува Европската Унија.
Ле Пен најавува намалување на јавните расходи на помалку од 50 отсто од БДП до 2032-ра година. Сепак, и релативно умерените мерки за штедење наидуваат на силен отпор во Франција, каде што протестите и социјалните незадоволства дополнително ја отежнуваат работата на политичарите.
Анализата посочува дека проблемот не е ограничен само на Франција. Слични процеси се забележуваат и во други европски држави, каде што традиционалните политички партии губат поддршка, владите се соочуваат со сè поголеми тешкотии, а политичките и општествените поделби се продлабочуваат.
Во меѓувреме, светот постепено се оддалечува од глобализмот и се движи кон порегионален и понационално ориентиран поредок. Сепак, според авторите на анализата, дури и многу од националистичките и популистичките партии што доаѓаат на власт во западните земји продолжуваат да функционираат во рамките на постојниот повоен политички и економски систем.
Како пример се наведува Италија под раководство на премиерката Џорџа Мелони, каде што доаѓањето на власт на националистичка политичка сила не донело суштинско отстапување од дотогашната политика. Оттука, се оценува дека продолжувањето на економската и политичката нестабилност може да отвори простор за порадикални политички опции.
Полска може да стане нов тест за Европската Унија
Покрај Франција, како уште една важна точка на притисок во Европската Унија се издвојува Полска, која се соочува со политичка и уставна криза.
Исходот од судирот меѓу проевропскиот премиер Доналд Туск и националистичката опозиција, обединета околу претседателот Карол Навроцки, би можел да покаже во која насока ќе се развиваат политичките односи во Унијата.
Полска има сè поголемо геостратешко значење во Европа. Нејзината економија е меѓу ретките во ЕУ што бележат значителен раст во последните години, а централната банка спроведува политика на зголемување на златните резерви. Со повеќе од 630 тони злато, земјата се наоѓа меѓу десетте држави со најголеми национални резерви во светот.
Во анализата се разгледува и можноста земјите од Централна Европа – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија – со текот на времето да добијат поголема регионална политичка и економска тежина.
На нивната позиција ќе влијае и исходот од војната меѓу Украина и Русија, која може значително да ја промени безбедносната и стратешката слика на континентот.
Авторите оценуваат дека во 2027-ма година повеќе одделни кризи би можеле дополнително да се поврзат и да создадат поширока нестабилност. Способноста на европските влади и институции да одговорат на ваквата сложена ситуација ќе биде важен показател за иднината на Европската Унија и нејзината способност да опстане како наднационална политичка и економска структура.