Македонија сака повеќе фабрики, поголеми инвестиции, нови работни места и побрз економски раст. Но, со години се соочува со еден проблем кој станува особено видлив секоја зима. Додека државата се обидува да произведува повеќе и да привлече нов капитал, граѓаните дишат загаден воздух, а лекувањето на болестите поврзани со загадувањето создава дополнителни трошоци.
Прашањето е дали македонската економија може да продолжи да расте, но без растот да се плаќа со здравјето на населението.
Податоците покажуваат дека загадувањето не е само здравствен, туку и сериозен економски проблем. Според проценките на Светска банка, економските штети поврзани со последиците од загадениот воздух во Македонија во 2016 година изнесувале околу 6,9 проценти од бруто-домашниот производ.
Тоа се загуби што не се гледаат директно во државниот буџет, но се чувствуваат преку боледувањата, намалената продуктивност, трошоците за здравствена заштита и предвремената смртност.
Последните достапни проценки на Европската агенција за животна средина покажуваат дека во 2023 година во Македонија имало околу 2.667 предвремени смртни случаи што се припишуваат на долготрајна изложеност на ситни загадувачки честички над препорачаното ниво на Светската здравствена организација.
Економските аналитичари посочуваат дека преминувањето кон почисто производство бара големи инвестиции, но дека одложувањето на таквите вложувања создава дополнителни трошоци.
Во анализите на Светска банка се наведува дека Македонија може да постигне економски раст со значително помало загадување, доколку инвестира во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и почист транспорт.
„Постигнувањето нето нулта емисија до 2050 година е возможно за Македонија, но ќе бара значително зголемување на инвестициите“, се наведува во оценката на претставник на Меѓународната финансиска корпорација, објавена во рамките на анализата на Светска банка.
Според пресметките, за таквата енергетска трансформација ќе бидат потребни дополнителни 1,7 милијарди долари до 2030 година, додека до 2050 година дополнителните инвестиции би достигнале 5,6 милијарди долари.
Најголемиот дел од парите би биле насочени кон производство на електрична енергија од обновливи извори. Проценката е дека повеќе од 80 проценти од дополнителните капитални инвестиции би можеле да дојдат од приватниот сектор.
Сепак, загадувањето во Македонија не доаѓа само од фабричките оџаци. Голем дел од проблемот е поврзан со начинот на кој се загреваат домаќинствата.
Во зимските месеци, кога илјадници семејства користат дрва и други цврсти горива, концентрациите на штетни честички нагло растат. Особено во Скопје, Тетово и другите поголеми градови.
Анализите на Светска банка го посочуваат греењето во домаќинствата како главен извор на изложеност на населението на опасните ПМ2,5 честички на национално ниво.
Токму затоа, според економските проценки, намалувањето на загадувањето не може да се постигне само со построги контроли на индустријата. Потребни се вложувања во изолација на становите, замена на старите системи за греење и подобрување на енергетската ефикасност.
Посебен предизвик е индустријата, која обезбедува работни места и значаен дел од извозот. Фабриките што користат застарена технологија се соочуваат со потреба од модернизација, а тоа подразбира дополнителни трошоци за компаниите.
Економските познавачи укажуваат дека токму тука е важна улогата на државата, преку поволни кредити, субвенции за почиста технологија и поддршка за домашните производители.
Европската банка за обнова и развој, преку својата стратегија за Македонија, предвидува поддршка за енергетската транзиција и инвестиции во обновливи извори, со истовремена заштита на работниците во секторите што ќе бидат погодени од напуштањето на јагленот.
Во меѓувреме, македонската економија останува силно поврзана со европскиот пазар. Според оценките на Европската комисија, во 2025 година дури 76 проценти од македонскиот извоз на стоки бил насочен кон Европската Унија.
Тоа значи дека домашните компании ќе мора сè повеќе да се приспособуваат на европските еколошки стандарди доколку сакаат да ја задржат конкурентноста.
За Македонија, преминот кон почиста економија нема да биде евтин. Но, според меѓународните финансиски анализи, ниту продолжувањето со сегашниот модел не е бесплатно. Разликата е во тоа дали парите ќе се вложуваат во нова технологија, подобро греење и почисто производство или ќе продолжат да се трошат за последиците од загадувањето.
Б.З.М.