МАКЕДОНИЈА

Црвен аларм за македонскиот агроизвоз: Што навистина јадеме и зошто Европа ни ја враќа храната?

Најновата вест дека Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) спречи увоз на над 19 тони македонски јаболка поради присуство на недозволени пестициди, повторно го отвара прашањето за безбедноста на храната која се произведува на домашните ниви. Ова не е изолиран инцидент. БАБХ и претходната недела запреле 21 тон јаболка од Македонија, откако лабораториските анализи откриле пестицид чија употреба е забранета во Европската Унија. Само во изминатите неколку месеци, европскиот систем за предупредување (RASFF) нотираше серија стопирани и вратени пратки со македонски пиперки и грозје од Хрватска и Бугарија.

Додека извозниците трпат огромни финансиски штети, јавноста со право го поставува клучното прашање: Што се случува со нашите земјоделски производи и дали домашните потрошувачи се осудени да го јадат она што Европа го смета за токсично?

Прскање „од око“

Поради климатските промени и појавата на нови штетници, дел од земјоделците посегнуваат по поагресивни хемикалии, честопати игнорирајќи ја каренцата – законски пропишаното време кое мора да помине од последното прскање до бербата.

Што значи ова за нашето здравје?

Пестицидите се дизајнирани да убиваат живи организми (инсекти, габи, плевел) и нивното зголемено присуство во храната има директно штетно влијание врз човечкото тело.

Конзумирањето производи со остатоци од опасни пестициди над дозволените лимити може да предизвика акутни симптоми како мачнини, главоболки и стомачни проблеми. Меѓутоа, многу поопасен е долгорочниот ефект. Хроничната изложеност на висока концентрација на пестициди се поврзува со невротоксичност, нарушување на ендокриниот систем (хормоните), пад на имунитетот, па дури и зголемен ризик од канцерогени заболувања. Бремените жени и децата се најранливата категорија кај која овие токсини можат да предизвикаат пречки во развојот.

Каде завршува вратената храна?

Она што најмногу ја вознемирува македонската јавност е каде ќе завршат вратените пратки. Дали најголемиот дел завршуваат на домашниот пазар. Образложението на надлежните е дека при повторното тестирање во домашните лаборатории, резултатите покажале оти нивото на пестициди е „во рамките на дозволеното“ според македонските закони. Овој двоен стандард отвора сериозен сомнеж: дали македонските граѓани јадат храна која не ги исполнува европските безбедносни критериуми?