Цените во маркетите и натаму се една од главните грижи на македонските семејства, а секое одење во продавница завршува со истата пресметка: колку производи може да се купат со илјада денари? Додека граѓаните бараат поевтина храна, искуството од Црна Гора повторно го отвора прашањето дали државата и трговците можат заеднички да ги намалат цените на основните производи, без постојани забрани, казни и инспекциски контроли.
Црна Гора уште во 2023 година воведе програма наречена „Стоп за инфлацијата“, со која Владата и големите трговски синџири договорија посебна потрошувачка кошница со пониски цени.
Мерката опфати 25 категории производи, меѓу кои млеко, јогурт, сирење, јајца, компири, ориз, грав, пилешко месо, тестенини, но и средства за хигиена, детски пелени и храна за бебиња.
Договорот предвидуваше трговската маржа за избраните производи да не надминува пет проценти во малопродажбата, а исто толку и во големопродажбата.
Она што го правеше овој модел поинаков беше доброволното учество на трговците. Наместо државата еднострано да ги ограничува цените, големите маркети се согласија да продаваат одредени производи со минимална заработка.
Но, дали ваквиот рецепт може да функционира и во Македонија?
Економистите кои го анализираа црногорскиот модел имаат поделени мислења. Дел од нив сметаат дека ваквите акции можат привремено да ги олеснат трошоците на граѓаните, но предупредуваат дека не претставуваат долгорочно решение за инфлацијата.
„Ова може да даде краткорочно олеснување, но не може трајно да го запре растот на цените“, е суштината на оценката на еден од економистите кои ја анализираа мерката.
Според економските анализи, ограничувањето на маржите не значи автоматски и големо намалување на крајната цена. Ако набавната цена е висока, просторот за поевтинување останува мал, дури и кога трговецот ќе се откаже од поголем дел од заработката.
Македонија, всушност, веќе има искуство со вакви интервенции.
Во февруари 2025 година Владата донесе одлука за ограничување на маржите кај 102 групи производи, со различни максимални стапки од пет, десет и петнаесет проценти. Беа опфатени основни прехранбени производи, месо, млечни производи, овошје, зеленчук и средства за хигиена. Мерките важеа до крајот на април истата година.
Сепак, податоците покажуваат дека притисокот врз семејните буџети не исчезнал.
Економските познавачи посочуваат дека доброволниот договор со трговците може да има предност бидејќи им остава простор самите да изберат производи што ќе ги понудат по пониски цени.
„За маркетите ова е бесплатна реклама. Купувачите ќе одат таму каде што производите се поевтини, а трговците ќе бидат препознаени како општествено одговорни“, коментираат експертите.
Но, постои и друга страна. Доколку попустите важат само за по еден производ од одредена категорија, купувачот може да заштеди на едно пакување млеко, додека останатите производи на полицата ќе ја задржат старата цена.
Дополнително, домашното производство, увозните цени, транспортот и трошоците за енергија имаат директно влијание врз конечната сметка.
Затоа економистите укажуваат дека ограничувањето на маржите може да биде само дел од мерките, заедно со поголема конкуренција меѓу трговците и подобро снабдување на пазарот.
Црногорскиот модел покажува дека договор меѓу државата и маркетите е можен. Во Македонија, пак, останува прашањето дали трговските синџири би прифатиле доброволно да ја намалат заработката на основните производи и дали таквите попусти навистина би се почувствувале во семејната потрошувачка кошница.
Б.З.М.