Некогаш се правеа во секој двор, се јадеа со топол леб и кромид, а денес за килограм чварки треба да се издвојат и до 1.500 денари. Овој традиционален зимски специјалитет, познат и како џимиринки, станува сè поскап, па многу граѓани наместо килограм купуваат по 200 или 300 грама, колку за мерак. Цените во месарниците и на пазарите се движат од 900 до 1.500 денари, во зависност од квалитетот, начинот на подготовка и количината на месо во нив.
Со доаѓањето на постудените денови, чварките повторно се бараат, но високите цени ја менуваат навиката на купувачите. Наместо да се купува поголема количина за дома, сè почесто се зема по малку, за еден или два оброка.
За 200 грама чварки, според сегашниот ценовен распон, треба да се платат од 180 до 300 денари. Половина килограм може да чини дури 750 денари, сума за која во месарница може да се купат неколку килограми од поевтините парчиња свинско месо.
Дека чварките се скап производ покажуваат и објавените малопродажни ценовници. Во дел од маркетите килограм се продава за 969 или 989 денари, додека за домашно подготвените и посебните видови се бараат повисоки суми.
Познавачите на месната индустрија посочуваат дека високата цена не зависи само од цената на свинското месо, туку и од количината сланина што може да се искористи за производство на чварки.
Современото свињарство е насочено кон производство на повеќе месо и помалку масно ткиво. Тоа значи дека од едно животно се добива помалку суровина за подготовка на чварки отколку од традиционално товените свињи.
Дополнителен трошок претставува самата подготовка. Сланината мора да се исече, постепено да се топи, да се меша и да се внимава да не изгори. Процесот бара време, енергија и работна сила, а конечната количина чварки е значително помала од тежината на суровината што се става во казанот.
Производителите објаснуваат дека не се добива иста количина чварки од секој вид сланина. Разликата зависи од содржината на маснотии, месо и вода, но и од тоа колку силно се цедат чварките по топењето.
И трговците одамна забележуваат дека граѓаните купуваат помали количини.
„Луѓето купуваат според можностите“, објаснува еден вработен во месарница во Ѓорче Петров.
Економистите ваквите поскапувања ги поврзуваат со повеќе трошоци во производствениот синџир. Цената на суровината е само еден дел од пресметката. Во крајната продажна цена влегуваат и струјата, транспортот, платите, амбалажата и трговската маржа.
Сепак, високата цена на чварките не значи автоматски дека производителите остваруваат голема заработка. За да се утврди колку навистина заработуваат, треба да се пресметаат и приходите од свинската маст што се добива при топењето, како и вкупните производствени трошоци.
Разликата во однос на претходните години е забележлива. Пред неколку години чварките можеа да се најдат и за 600 до 800 денари по килограм, додека во последните сезони цената од 1.000 денари веќе не е невообичаена.
Посебно се ценат домашните чварки, подготвени на традиционален начин, како и оние со повеќе месо. За нив купувачите обично плаќаат повеќе отколку за индустриски подготвените производи.
За дел од домаќинствата алтернатива останува домашното топење сланина, особено ако имаат можност да набават поголема количина директно од производител. Но и тука треба да се пресмета колку чини суровината, колку маст ќе се добие и колку чварки ќе останат.
Во месарниците, пак, чварките и понатаму се продаваат на грамови. Некој ќе земе 200 грама, друг половина килограм, а цел килограм по цена од 1.500 денари веќе претставува сериозен трошок за семејниот буџет.
Б.З.М.