ТЕХНОЛОГИЈА

„Чувар – кунг-фу легенда“: Пристигна робот што крева автомобили и ја чува куќата (ФОТО/ВИДЕО)

Кинеската компанија „Unitree Robotics“ го претстави новиот хуманоиден робот „H2-X“, наречен „Чувар – кунг-фу легенда“.

Роботот демонстрира боречки движења и потенцијална примена во обезбедувањето, заштитата на луѓето и спасувачките операции, објавува „Global Times“.

На демонстрациска снимка, роботот изведува низа движења инспирирани од боречките вештини, а прикажани се и неговите можности во симулирани вонредни ситуации, вклучувајќи подигнување на предниот дел од автомобил и реагирање при сообраќајна незгода.

Според информациите од компанијата, максималното време на работа на роботот изнесува осум часа, во споредба со три часа кај стандардниот модел „H2“.

Претставувањето на новиот робот предизвика бројни реакции на кинеските социјални мрежи, каде што корисниците коментираа за можноста за примена на хуманоидни роботи во домашното обезбедување, заштитата на луѓето и спасувањето во вонредни ситуации.

Дел од корисниците посочија дека ваквите роботи во иднина би можеле да се користат за надзор на објекти и помош во опасни ситуации, додека други истакнаа дека нивната практична примена ќе зависи од сигурноста, безбедноста и способноста за самостојно донесување одлуки.

„Unitree“ претходно го претстави хуманоидниот робот „G1“, а компанијата наведува дека од неговото лансирање во мај 2024-та година биле произведени приближно 10.000 до 20.000 примероци.

Развојот на хуманоидните роботи сè повеќе се насочува од лабораториски демонстрации кон примена во индустријата, логистиката, обезбедувањето и спасувачките служби.

Сепак, можноста за сигурна работа во непредвидливи ситуации и понатаму претставува еден од клучните предизвици за пошироката комерцијална примена на оваа технологија.