Вештачката интелигенција (AI) брзо станува дел од секојдневието, а со тоа расте и потребата од центри за податоци. На крајот на 2025-та година, САД и понатаму се убедливо водечки во светот според бројот на центри за податоци, со повеќе од двојно повеќе вакви објекти во споредба со вкупниот број во Европската Унија (ЕУ).
Во исто време, Европската комисија настојува да го зајакне европскиот суверенитет и конкурентноста во екосистемот на вештачката интелигенција и облачните услуги, пишува „Euronews“.
Податоците од глобалната платформа за вработување „Indeed“ покажуваат дека бројот на огласи за работа во центри за податоци во Европа расте. До август 2026-та година, нивниот број ги надминал нивоата од периодот пред пандемијата во 10 европски економии. Во исто време, огласите за други технолошки позиции и вкупниот број огласи за работа заостануваат зад огласите поврзани со центрите за податоци.
„Euronews“ анализира кои европски земји бележат најголем раст на огласите за работа во центрите за податоци, како и колкави се платите во овој сектор.
Највпечатлив е неодамнешниот раст на бројот на огласи во Шпанија, Италија и Ирска.
Ако бројот на огласи за работа во центри за податоци на „Indeed“ се постави на индекс 100 за просекот во периодот од декември 2019 до февруари 2020 година, индексот во август 2026 година надминал 200 поени во сите три земји.
Тоа значи дека бројот на огласи се зголемил повеќе од двојно во однос на нивото пред пандемијата. Индексот достигнал 260 во Шпанија, 237 во Италија и 210 во Ирска.
Обри Воснер, економист во „Indeed“, и Павел Адријан, директор за истражувања во компанијата, истакнуваат дека Шпанија и Италија имаат поголем простор за раст, бидејќи и двете земји почнуваат од релативно ниска основа.
„Овие земји бележат големи нови градби фокусирани на вештачката интелигенција, како што се кампуси во Арагон и проекти во околината на Милано, наместо постари објекти концентрирани околу големите урбани центри како Франкфурт, Лондон, Амстердам, Париз и Даблин“, велат експертите за „Euronews“.
Рангирање според бројот на огласи поврзани со центри за податоци во Европа. Графикон: „Euronews“
Растот надминува 30 отсто и во Холандија (138 отсто), Полска (134 отсто) и Швајцарија (133 отсто).
Најмал раст е забележан во Белгија – 9 отсто, по што следува Франција со 13 отсто. Во Германија растот изнесува 25 отсто, а во Велика Британија 24 отсто.
До август 2026-та година, бројот на огласи за работа во технолошкиот сектор, без позициите во центрите за податоци, бил под нивото од пред пандемијата во девет од 10 анализирани земји. Единствен исклучок е Шпанија, каде индексот бил само еден процентен поен над нивото од пред пандемијата.
Огласите за работа во центрите за податоци значително ги надминуваат останатите огласи во технолошкиот сектор, а најголеми разлики се забележани во Италија – 173 индексни поени, Шпанија – 159 и Ирска – 141.
Број на работодавачи
За разлика од САД, каде што само 10 големи технолошки компании стојат зад 71 отсто од огласите за работа во центрите за податоци, вработувањето во Европа е распределено меѓу многу поголем број компании, пресметува „Indeed“.
„Во десетте европски земји што ги анализиравме, има повеќе од 500 компании кои стојат зад 70 отсто од огласите за работа во центрите за податоци“, истакнуваат Воснер и Адријан.
Плати
Огласените плати за работните места во центрите за податоци вообичаено се повисоки од платите за слични позиции во други сектори во истата земја.
Работодавачите во центрите за податоци во Италија нудат значително повисоки плати во споредба со другите сектори. На пример, раководните позиции во центрите за податоци се платени 65 отсто повеќе од сличните позиции во други компании, додека работните места поврзани со монтажа и одржување нудат 50 отсто повисока огласена плата од соодветните позиции во другите делови на технолошкиот сектор.
Во Велика Британија, раководните позиции во центрите за податоци се платени 49 отсто повеќе. Во Германија, позициите поврзани со монтажа и одржување имаат 36 отсто повисока плата.
Воснер и Адријан забележуваат дека центрите за податоци сочинуваат мал дел од вкупниот пазар на труд, но тие се натпреваруваат за истите техничари и инфраструктурни специјалисти како и другите индустрии кои минуваат низ дигитална и зелена транзиција.
„Огласите за работни места во центрите за податоци во просек бараат повеќе вештини во споредба со другите огласи за работни места во истата област“, истакнуваат експертите.
Според нив, повисоките плати им помагаат на компаниите и побрзо да привлечат работници, со цел проектите да се реализираат во предвидените рокови.
Плати за различни работни позиции во центри за податоци во Европа. Графикон: „Euronews“
Кои работни места доминираат при вработувањето?
Воснер и Адријан објаснуваат дека комбинацијата на професии за кои се бараат работници во центрите за податоци низ Европа открива два тренда што се одвиваат истовремено: продолжено вработување во постојните објекти за складирање податоци и облачни услуги, но и почеток на градежен бум поврзан со вештачката интелигенција.
Пет професии сочинуваат меѓу 50 и 60 отсто од огласите за работа во центрите за податоци во Европа: ИТ-инфраструктура, операции и одржување; развој на софтвер; менаџмент; инсталација и одржување; и управување со проекти.
Иако побарувачката за работници поврзани со центрите за податоци расте, овие работни места сè уште претставуваат само мал дел од вкупниот број огласи за работа во секоја од земјите. Во повеќето анализирани држави, нивниот удел е околу 1 отсто или помал.
Удел на различните работни позиции во центрите за податоци во Европа. Графика: „Euronews“
Има ли недостиг од квалификувана работна сила?
Економистите очекуваат фазата на раст да продолжи извесно време, бидејќи Европската Унија се стреми да го зголеми капацитетот на своите центри за податоци за трипати во период од седум години.
„Една од грижите на работодавачите е тоа што центрите за податоци се натпреваруваат за работници со технички вештини, кои и претходно беа дефицитарни“, коментираат Воснер и Адријан.
Заклучно со 2025-та година, Германија и Обединетото Кралство имаат најголем број центри за податоци во Европа – 529 и 523, соодветно. По нив следуваат Франција и Холандија со 322 и 298 центри.
Италија има 168 вакви објекти, Шпанија и Полска по 144, додека Швајцарија има 121 центар за податоци.
Западна Европа доминира во инфраструктурата на центрите за податоци во регионот, додека Северна Европа има поскромен обем. Инфраструктурата во Централна и Источна Европа е пофрагментирана и помалку развиена.