Цените на становите во Европската Унија се зголемија во периодот од 2015 до 2025 година во просек за 6,8 проценти побрзо од приходите на домаќинствата, објави денес Евростат.
Службата за статистика на ЕУ истакнува дека овој индикатор, кој ги споредува промените во цените на домувањето со промените во бруто расположливиот доход на домаќинствата по жител, се зголемил во 17 земји од ЕУ, додека намалување е забележано во преостанатите 10.
Највисок раст на односот на цените на домувањето со приходите на домаќинствата е забележан во Португалија, каде што изнесува 60,8 проценти.
По нив следуваат Холандија со 34,3 проценти, Унгарија со 26,5 проценти, Чешка со 25,8 проценти и Шпанија со 24,5 проценти.
Од друга страна, најголем пад на овој индикатор е регистриран во Романија, за 42,8 проценти, по што следуваат Финска со 25,2 проценти и Бугарија со 16,2 проценти.
Евростат наведува дека овој индикатор мери како цените на становите се промениле во однос на приходите во одреден период, но не претставува директна споредба на апсолутната прифатливост на недвижностите во различни земји.
Друг индикатор за прифатливост на домувањето, кој го споредува односот на цените на недвижностите со приходите со нивниот долгорочен просек од 2000 година, укажува на два изразени врва, во 2007 година, во пресрет на глобалната финансиска криза, кога бил 7,9 проценти над долгорочниот просек, и во 2022 година, кога бил 7,4 проценти повисок.
Потоа, индикаторот се намалил во текот на 2023 и 2024 година, само за повторно да се најде малку над долгорочниот просек во 2025 година, за 0,03 проценти.
Евростат истакнува дека за поцелосна проценка на прифатливоста на домувањето, мора да се земат предвид и други фактори, вклучувајќи го бројот на години приход потребни за купување стан, цената на станбените кредити и учеството на трошоците за домување во расположливиот доход на домаќинствата.