Наместо да служи само за складирање стари работи, домашниот подрум може да се искористи и за производство на печурки.
Неколку полици, вреќи со подготвена подлога, соодветна влажност и редовно проветрување. Толку е потребно за почеток, па одгледувањето буковки и шампињони станува интересна можност за семејствата што сакаат да произведуваат сопствена храна, но и за оние што бараат дополнителна заработка.
Најпогодна за почетници е буковката. Оваа печурка не бара почва, а може да се одгледува на слама и други растителни материјали. Шампињоните, пак, бараат специјално подготвен компост и поголема контрола на температурата и влажноста.
Но, колку пари треба да се вложат?
На македонските огласници може да се најде мицелиум за различни видови печурки, а една од понудите објавени во март годинава е со наведена цена од четири евра, односно околу 250 денари.
Во огласот се нудат повеќе видови мицелиум, меѓу кои буковка, шампињони и шитаке.
Важно е да се знае дека мицелиумот не е исто што и готова вреќа за производство. Оној што купува само мицелиум треба да обезбеди и соодветна подлога, да ја подготви и да внимава на хигиената. Готовите производствени вреќи ја олеснуваат работата, но чинат повеќе.
Најчесто се користи слама која претходно термички се обработува. Потоа се додава мицелиумот, се полнат вреќите и се остава време габата да ја насели подлогата. Кога ќе се создадат соодветни услови, почнуваат да растат печурките.
За буковката најчесто се потребни висока влажност, умерена температура и свеж воздух. Оптималната температура зависи од сортата, но кај многу видови се движи околу 15 до 25 степени.
Недоволното проветрување може да доведе до неправилен раст, додека лошата хигиена носи опасност од мувла и пропаѓање на производството.
А дали се исплати?
Според проверените малопродажни понуди, пакување од 500 грама свежи шампињони се продава за околу 85 денари, што значи приближно 170 денари за килограм. Во други продавници, 400 грама чинат 100 денари, односно околу 250 денари за килограм.
Ако едно семејство произведе 20 килограми печурки, нивната вредност според овие малопродажни цени би изнесувала од 3.400 до речиси 5.000 денари. Но, тоа не е чиста заработка. Треба да се одземат трошоците за мицелиум, подлога, вода, електрична енергија и опрема. Треба да се пресметаат и можните загуби, бидејќи не секоја вреќа дава ист принос.
Економската пресметка е уште построга кај оние што планираат продажба. Цената што ја добива производителот обично е пониска од онаа што купувачот ја плаќа во маркет.
Познавачите на печуркарството посочуваат дека голема предност на буковката е можноста од една подлога да се добијат повеќе берби. Меѓутоа, производството не може да се остави без надзор. Влажноста, температурата и проветрувањето мора редовно да се контролираат.
Дополнителен проблем е пласманот. Свежите печурки имаат ограничен рок на траење, па производителот треба однапред да знае кому ќе му ги продава.
Затоа, за почетниците се препорачува производство со неколку вреќи, без големи вложувања. Така најлесно може да се види колкав принос ќе се добие и дали условите во подрумот се соодветни.
За сопствените потреби, пак, и неколку килограми свежи буковки месечно можат да бидат доволна причина неискористениот подрум да добие нова намена.
Б.З.М.