МАКЕДОНИЈА

Без факултет, а со плата до 2.000 евра: Оваа работа привлекува сè повеќе Македонци

Седиш во канцеларија во Скопје, пред тебе два монитора, во раката телефон, а на линија возач на камион кој се наоѓа некаде во Тексас. Договараш товар во Чикаго, проверуваш дали камионот стигнал во Њујорк и преговараш за цената на следната тура.

Работиш во Македонија, но целиот работен ден ти поминува во Америка. Вака изгледа секојдневието на диспечерите, професија за која сè повеќе млади Македонци покажуваат интерес, пред сè поради можноста за заработка која со искуство и добри резултати може да достигне и 2.000 евра месечно.

Американските транспортни компании веќе имаат свои канцеларии во Скопје, а дел од нив ангажираат и луѓе кои работат од дома. Најголемиот дел од работата се одвива преку телефон, електронска пошта и специјализирани компјутерски програми.

Диспечерот, наједноставно кажано, е човекот кој му ја организира работата на возачот. Тој бара товар, ја договара цената за превоз, ги следи роковите за испорака и се грижи камионот да не стои празен. Ако се расипе возилото, ако возачот заглави во сообраќај или ако клиентот ја откаже турата во последен момент, повторно диспечерот треба да најде решение.

Токму затоа работодавачите најчесто бараат кандидати кои добро зборуваат англиски јазик, знаат да преговараат и можат истовремено да разговараат со повеќе луѓе.

„Одлични комуникациски и преговарачки способности, добра организација и способност за работа под притисок“, се дел од условите наведени во еден од октомвриските огласи за диспечери на американскиот пазар.

А колку навистина се заработува?

Платата зависи од искуството, компанијата, бројот на камиони и начинот на кој се пресметува бонусот.

Во еден од поновите огласи за работа во Скопје е понудена месечна заработка од 800 до 1.000 долари за диспечер кој работи надвор од редовното работно време. Во друг оглас, за позиција поврзана со ноќна координација и одржување на камиони, се наведува плата од 1.500 долари плус дополнителни бенефиции.

Заработката од 2.000 евра е достижна цел за поискусните диспечери со добри резултати, но не треба да се смета за загарантирана плата. Особено не за почетници.

Познавачите на транспортниот бизнис посочуваат дека познавањето на американскиот пазар е подеднакво важно како и англискиот јазик. Не е доволно само да се јавиш на телефон и да договориш превоз. Треба да знаеш каде има најмногу товар, кои релации се исплатливи и колкава цена може да се извлече од посредниците.

Некои компании нудат и дополнителни бонуси поврзани со остварените резултати, па конечната месечна заработка може значително да се разликува од основната плата.
Сепак, работното време е нешто што не му одговара на секого.

Поради временската разлика, голем дел од диспечерите во Македонија работат попладне и навечер. Во огласите може да се сретне работно време од 14 до 22 часот, од 14 до 23 часот, но и ноќни смени од 22 до 6 часот наутро.

Тоа значи дека додека поголемиот дел од семејството е дома и се подготвува за спиење, диспечерот сè уште договара товари и разговара со американските возачи.

Економистите ваквиот начин на вработување го разгледуваат како извоз на услуги.

аботникот физички останува во Македонија, но неговата работа е наменета за странски пазар. Доколку заработката ја троши во земјава, парите се влеваат во домашната потрошувачка.

Интересно е што за оваа работа не е неопходна факултетска диплома. Во дел од огласите се бара само средно образование, а некои компании нудат и обука за кандидати без претходно искуство. Сепак, за подобро платените позиции најчесто се бара човек кој веќе го познава американскиот транспортен систем.

Почетокот не е секогаш лесен. Треба да се научат транспортните термини, американската географија, начинот на договарање товари и правилата што важат за возачите.

Но за оние што добро зборуваат англиски и не им пречи работа во попладневните часови, диспечерството останува една од можностите да заработуваат од американскиот пазар без да купат авионска карта за Америка.

Б.З.М.