Редовно земате плата, со години работите во иста фирма, немате големи долгови, а кога ќе побарате кредит, од банката добивате негативен одговор. За многу граѓани во Македонија ваквата ситуација е тешко разбирлива. Сепак, платата не е единственото нешто што банките го проверуваат пред да одобрат потрошувачки или станбен кредит. Понекогаш проблемот е во стар долг, некогаш во работниот стаж, а во одредени случаи и во фирмата во која работите.
Банкарските процедури предвидуваат проверка на повеќе податоци за финансиската состојба на клиентот. Се проверуваат приходите, постојните задолжувања, редовноста на плаќањето, работниот однос, а кај одредени кредити и имотот што се нуди како обезбедување.
Една од главните причини за одбивање кредит е лошата кредитна историја. Доколку граѓанинот во минатото доцнел со плаќање на ратите, имал неплатени обврски или проблеми со враќањето на претходен кредит, тоа може да влијае врз одлуката на банката.
Во Македонија важна улога има Македонското кредитно биро, преку кое може да се добијат информации за задолженоста на граѓаните. Во извештаите се евидентираат обврски по кредити, кредитни картички, дозволени пречекорувања, жирантства, како и други финансиски обврски.
Познавачите на банкарското работење посочуваат дека не е доволно клиентот во моментот да нема долгови. Важно е и како ги исполнувал претходните обврски.
Друг проблем е преголемата задолженост. Граѓанин може да има солидна плата, но ако веќе отплаќа станбен кредит, користи кредитна картичка и има дозволен минус на сметката, неговата можност за ново задолжување е ограничена.
На пример, човек со месечна плата од 40.000 денари, кој веќе издвојува 18.000 денари за постојни кредитни обврски, не може да очекува банката автоматски да му одобри уште една рата од 12.000 денари.
Банките пресметуваат колкав дел од приходите се троши за отплата и дали клиентот ќе може редовно да ги покрива новите обврски.
Проблем може да биде и работниот стаж. Лицата кои неодамна се вработиле, често менуваат работни места или имаат договор на определено време, може потешко да ги исполнат условите за одредени кредити.
Банките имаат различни критериуми. Некои бараат одреден период непрекинато вработување, додека други, зависно од видот на кредитот, прифаќаат и пократок стаж или дополнително обезбедување.
Не е сеедно ниту каде работите. Банкарите при проценката на ризикот може да ја земат предвид и финансиската состојба на работодавачот. Ако фирмата има сериозни финансиски проблеми, нередовно исплаќа плати или има блокирани сметки, тоа може да биде дополнителна причина за претпазливост.
Економистите укажуваат дека висината на примањата не е единственото мерило за кредитоспособноста. Важна е и стабилноста на тие приходи во наредните години.
Кај станбените кредити, пак, постапката е уште посложена. Покрај приходите и задолженоста, се проверуваат вредноста на недвижноста, документацијата за сопственост и обезбедувањето на кредитот. Проблеми со имотните документи или недоволна проценета вредност на недвижноста можат да го отежнат одобрувањето.
Од објавените услови на домашните банки се гледа дека може да биде потребна и дополнителна документација, а во одредени случаи и кокредитобарател или жирант.
Понекогаш барањето се одбива едноставно затоа што клиентот бара поголема сума отколку што може да отплаќа. Во таков случај, можностите се помал кредит, поинаков рок на отплата или вклучување дополнителен кредитоспособен учесник, доколку банката го дозволува тоа.
Граѓаните можат однапред да ја проверат својата задолженост преку Македонското кредитно биро, а извештај за кредитната изложеност можат бесплатно да добијат и преку услугата на Народната банка на националниот портал за електронски услуги.
Одбивањето на едно барање не значи дека граѓанинот никогаш повеќе нема да добие кредит. Условите се разликуваат од банка до банка, а може да се промени и финансиската состојба на клиентот.
Затоа, пред повторно поднесување барање, најкорисно е да се утврди што точно било спорно при првата проверка. Понекогаш решението е намалување на постојниот долг, а понекогаш едноставно треба да помине повеќе време на новото работно место.
Б.З.М.