МАКЕДОНИЈА

Апсурдот на македонското земјоделие!

Националната земјоделска мрежа направи детална анализа врз основа на јавно достапни податоци со единствена цел, да ја откријат суровата вистина за тоа колкав процент од малопродажната цена на основните репроматеријали тие ги плаќаат, и најважното а тоа е каде одат парите на земјоделците.
​
На стартот на оваа анализа се опфатени податоците за тоа што плаќаат земјоделците при секоја набавка. Ова е нивната пресметка:

Пестициди:

Збирна маржа (трговија на големо и мало): од 35% до над 80% од крајната цена.

Семенски материјал:
​
Градинарство: Минимална маржа од 37% па нагоре.
​Житарици: Маржа од 30% до 35% од крајната цена.
​
Погонско гориво:

Даноци, акцизи, маржи и еколошки такси зафаќаат дури 48% од крајната цена на пумпа.

Минерални ѓубрива:

Вкупни маржи на големо и мало од 15% до 30% па нагоре од крајната цена.

Земјоделците се на став дека тоа е апсурдот на нивната гарантирана заработка од 25 отсто.

​„Законодавците и креаторите на политики ни нудат или предвидуваат гарантирана законска добивка од 25% над производната цена.

​Дали ова има каква било економска логика? Трговците со репроматеријали си гарантираат маржи од 30% до 80% уште пред да засадиме ништо. Државата зема речиси 50% од цената на горивото преку акцизи и даноци. А земјоделецот — кој го сноси целиот ризик од климатски непогоди, болести, суша и деноноќен труд — треба да биде „задоволен“ со 25%?!“, реагираат од Националната земјоделска мрежа
​
Земјоделците велат дека со загарантирани 25% добивка над производната цена, не можат да ги покријат ниту трговските маржи и давачки за основните репроматеријали и енергенси, а камоли да обезбедат егзистенција за нивнките семејства и развој на производството!
​
​Додаваат дека, секоја дискусија за законски загарантирана заработка од 25% според нив е понижувачка, потценувачка и надвор од секоја здрава економска логика. Децидни се дека не смеат да дозволат земјоделецот да остане единствената карика во ланецот што работи со загуба, додека сите останати остваруваат загарантирани високи профити на нашиот грб.

​Земјоделците со апел, време е за реални економски мерки, а не за правни формулации кои не озаконуваат сиромаштија!

И.П