„Anthropic“ би можела да потроши 750 милијарди долари за дополнителна пресметковна моќ во наредните години, објави „Wall Street Journal“, повикувајќи се на проспектот за иницијалната јавна понуда на акции (IPO).
Компанијата за вештачка интелигенција пријавила нето-загуба од 80,7 милијарди долари во првата половина на 2026-та година, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на написот на „WSJ“. За споредба, во истиот период минатата година нето-загубата изнесувала 13 милијарди долари, наведува „WSJ“.
Според написот, најголемиот дел од нето-загубата во првата половина од оваа година – 72 милијарди долари – произлегува од сметководствени трошоци поврзани со промените во вредноста на конвертибилните обврзници и другите финансиски инструменти што ги издала „Anthropic“.
Се очекува „Anthropic“, еден од водечките развивачи на вештачка интелигенција, во наредните недели јавно да ја поднесе документацијата за своето деби на „Wall Street“. Тоа би го означило почетокот на една од најголемите иницијални јавни понуди на акции во историјата.
Излегувањето на берзата ќе ѝ помогне на компанијата да обезбеди дополнителен капитал за инвестиции во чипови, центри за податоци и кадар, со цел да развива нови и понапредни модели на вештачка интелигенција.
Сепак, огромните планови за трошење ги поттикнуваат и пошироките дебати на пазарот за вештачка интелигенција околу прашањето дали ваквите инвестиции можат да се одржат на долг рок и на крајот да се претворат во одржлива добивка и позитивен паричен тек.
„Плановите за дополнителни трошоци се позитивни за синџирот на снабдување со полупроводници, но крајно неизвесно е дали тие ќе се реализираат“, коментира Веи-Серн Линг, управен директор во „Union Bancaire Privée“.
„Пазарот очекува докази дека трошоците за вештачка интелигенција можат да се одржат, а ‘Anthropic’ во документацијата за иницијалната јавна понуда ќе мора да покаже дека има одржлив деловен модел“, додава тој.
Според „WSJ“, компанијата што стои зад моделот „Claude“ потрошила речиси девет милијарди долари за пресметковна моќ и инфраструктура во шесте месеци до 30 јуни, наспроти 2,3 милијарди долари во истиот период во 2025-та година.
„Anthropic“ инвестирала повеќе средства за обезбедување пресметковна моќ во првата половина на 2026-та година отколку во текот на целата 2025-та година, кога овие трошоци изнесувале 7,3 милијарди долари.
Проспектот ја открива широката мрежа на договори за обезбедување пресметковна моќ на „Anthropic“, со вкупна вредност од околу 450 милијарди долари во следните седум до десет години. Поголемиот дел од овие договори не можат да се раскинат, наведува „WSJ“.
Компанијата планира да потроши 111 милијарди долари за договори со „Google Cloud“, дел од „Alphabet“, 110 милијарди долари со „Amazon Web Services“, дел од „Amazon.com“, и 31 милијарда долари со „Microsoft“.
„’Anthropic’ го става во преден план основното инвестициско прашање: колку треба да платат инвеститорите денес за добивка што сè уште зависи од огромни трошоци во иднина?“, вели Џун Бе Лиу, коосновач и главен портфолио-менаџер на „Ten Cap Investment Management“.
„И понатаму сум оптимист во однос на примената на вештачката интелигенција, но очекувам приносите од инвестициите да станат многу понеизедначени“, додава таа.
Во проспектот на „Anthropic“ се наведуваат и ризиците од штети предизвикани од вештачката интелигенција. Меѓу нив е можноста моделите да развијат „самозаштитнички“ однесувања за да избегнат исклучување, како и реакции слични на „уцена“, со цел да ги спречат луѓето да го прекинат нивното функционирање, се наведува во извештајот.
Според „WSJ“, „Anthropic“ би можела да се соочи и со ризик од политички отпор кон изградбата на центри за податоци во САД, каде што се наоѓа најголемиот дел од нејзиниот капацитет.
Компанијата им соопштила на инвеститорите дека во третото тримесечје остварила рентабилност врз основа на коригираните финансиски показатели, објави „Bloomberg News“.
„Anthropic“ остварила позитивен слободен паричен тек, а до третото тримесечје пријавила бруто-маржа од 85 проценти и позитивна коригирана оперативна маржа од над 11 проценти, според извори запознаени со прашањето.