СВЕТ

Активисти низ Европа спремаат дводневни протести поради дата центрите

За утре и задутре се планирани протести во 15 европски земји поради центрите за податоци, во кои ќе учествуваат активисти од повеќе од 100 организации собрани под слоганот „Стоп на валканите центри за податоци“.

Противниците на центрите за податоци повикуваат на мораториум на големите проекти поради нивните еколошки и социјални трошоци, кои, велат тие, „веќе не можеме да си ги дозволиме“.

Британскиот дневен весник „Гардијан“ денес пишува дека центрите за податоци, кои играат улога во развојот на вештачката интелигенција (AI), се причина за голема загриженост и дека на американските избори оваа недела, противниците на овие центри беа меѓу кандидатите на Демократската партија со најдобри резултати.

Акциите во следните два дена вклучуваат протест во Варшава пред парламентот, марш во Даблин, демонстрации пред центарот за податоци на „Мајкрософт“ во Данска, пред планираната локација на центарот за податоци во Амстердам, протест во Источен Лондон каде што локалните жители се противат на изградбата на центарот.

Координаторот на кампањата, Овен Еспли, рече дека заедниците во САД и Европа испраќаат порака за центрите за податоци.

„Заедниците и граѓанското општество низ цела Европа го креваат својот глас за да ги спречат валканите центри за податоци… и бараат од политичарите мораториум за изградба на големи“, изјави Еспли за „Гардијан“, додавајќи дека резултатите од среднорочните избори во САД покажаа дека истата загриженост за штетните последици од центрите за податоци ја делат и заедниците од двете страни на Атлантикот.

Меѓу организациите што ги поддржуваат протестите за центрите за податоци се „Пријатели на Земјата“ и „Гринпис“.

Голем дел од противењето на дата центрите се должи на нивното влијание врз животната средина. Според истражувањето на Еко-институтот на Германија, до 2030 година емисиите на јаглерод диоксид (CO2) од дата центрите за вештачка интелигенција ќе бидат шест пати повисоки отколку во 2023 година.

Во Велика Британија, енергијата што ја користат центрите за податоци може да предизвика емисија до 123 милиони тони CO2, количина што ја произведуваат 2,7 милиони луѓе, во текот на следните десет години.

Паневропската кампања, исто така, наведува голем број социјални влијанија на центрите за податоци, од влијанието на чет-ботовите врз менталното здравје, преку опасноста вештачката интелигенција да доведе до губење на работни места, до давање приоритет на центрите за податоци во градежништвото пред домувањето.

Технолошката индустрија, од друга страна, тврди дека центрите за податоци придонесуваат за создавање работни места за време на изградбата и работењето и за стимулирање на растот преку поддршка на развојот и примената на вештачката интелигенција.

Помеѓу 2021 и 2024 година, низ целиот свет се објавени околу 250 проекти за изградба на центри за податоци со потрошувачка на енергија што надминува 100 мегавати, што одговара на потрошувачката на 300.000 домаќинства по проект, доминирана од проекти во Северна Америка.

Само во Велика Британија, 315 дата центри чекаат да бидат поврзани со мрежата, што претставува побарувачка од 73 гигавати, во споредба со максималната побарувачка на енергија во земјата од 45 гигавати.