„Ralph Lauren“ ги зголеми прогнозите за годишните приходи и оперативната маржа, сметајќи дека силната побарувачка од помладите купувачи во Северна Америка и Азија ќе ѝ помогне на луксузната модна марка да продолжи да му се спротивставува на општиот тренд на забавување во секторот на луксузни стоки, објави „Reuters“.
По објавувањето на веста, акциите на компанијата поевтинија за околу 7 отсто во претпазарното тргување. Од почетокот на годината нивната вредност е зголемена за околу 16 отсто.
Во последните неколку квартали компанијата остварува подобри резултати од луксузниот сектор во целина, бидејќи американските купувачи со повисоки приходи продолжуваат да трошат повеќе. Кина, исто така, е двигател на растот, при што приходите на тој пазар во второто тримесечје се зголемиле за 35 отсто.
„Ralph Lauren“ сега очекува приходите во фискалната 2027-ма година да пораснат во распон од 6 до 7 отсто, во споредба со претходната прогноза за раст од околу 5 до 6 отсто.
Компанијата очекува годишната оперативна маржа да се зголеми за околу 80 до 100 базични поени при непроменети девизни курсеви, во споредба со претходната прогноза за раст од 60 до 80 базични поени.
Од „Ralph Lauren“ велат дека очекуваат приходите во третото тримесечје да пораснат во распон од 3 до 4 отсто, што е значително под очекувањата на аналитичарите за зголемување од 4,2 отсто. Причината е влијанието на распоредот на испораките на големо и помалиот број распродажби со намалени цени.
Приходите во тримесечјето се зголемиле за 9 отсто, достигнувајќи 2,19 милијарди долари, над прогнозата на аналитичарите од 2,12 милијарди долари, според податоците собрани од „LSEG“.
Компанијата, основана од дизајнерот Ралф Лорен во 1967-ма година, пред околу една деценија започна план за преструктурирање, кога го ангажираше својот прв генерален директор кој не беше дел од семејството. Продажбата се подобри откако компанијата се насочи повеќе кон облека од повисока ценовна категорија и ја обнови својата понуда на производи.