10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонецот јаде најмногу леб, а најмалку риба

Македонецот јаде најмногу леб, а најмалку риба

leb

Најмногу леб и зеленчук, најмалку месо и риба.

Вака изгледа трпезата во Македонија. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 130 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 125 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 100 грама, на риба 15 грама, на млеко и преработки 100 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.

Статистичарите пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 150 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 5 вино и речиси 20 милилитри пиво.

Потрошувачката на цигари oпаѓа постојано– пред три години еден Македонец во просек пушел по 2.4 на ден, а лани по 2.

Овие податоци се од деталната анализа на потрошувачката на домаќинствата за 2014-та на Државниот завод за статистика, документ кој се објавува еднаш во годината.

Сепак, веќе четири години не се пресметува месечната потрошувачка кошничка.

„Престанавме да ја пресметуваме бидејќи погрешно се толкуваше. Нашата методологија не покажуваше колку едно домаќинство треба да троши туку колку растот на цените на храната и на пијалаците влијае на семејниот буџет“ изјавија неодамна од Државниот завод за статистика.

Само Сојузот на синдикати (ССМ) прави ваква анализа. Во минималната синдикална кошница најмногу или 41.6% од парите одат на храна и пијалаци, 32% на кирии и сметки, 6.5% на облека и само 3.3% на култура. На едно домаќинство за да го протурка месецот октомври му биле потребни 32.255 денари, пресметале во ССМ.

Просечната нето плата според последните податоци на Државната статистика во август изнесувала 21.882 денари. Оттука за да го покрие месецот со основните потреби на едно четиричлено семејство му била потребна речиси една и пол просечна плата.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП