Италијанскиот производител на спортски автомобили Ферари објави дека денеска поднел барање за понуда на своите акции на берзата во Милано, откако со акциите на оваа компанија веќе се тргува на Волстрит.
Ферари се наоѓа во процес на одвојување од матичната компанија Fiat-Chrysler Automobiles (FCA), со кој италијанско-американскиот производител на возила сака да генерира значителни приходи и да обезбеди пари за инвестирање во нови модели.
FCA заработи речиси милијарда долари од минатонеделната продажба на 10 отсто од акциите на Ферари на Њујоршката берза. Сè уште држи под контрола 80 отсто од акциите на Ферари, додека преостанатите 10 отсто се во рацете на Пјер Ферари, синот на основачот на компанијата Енцо Ферари.
Следните месеци FCA планира да го одвои Ферари од остатокот на групата и да ги прераспредели своите удели меѓу постоечките акционери. Состанокот на акционерите на FCA на кој ќе се гласа за тој план, ќе се одржи на 3-ти декември.