5 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИШтрајкот во Lufthansa денес одложува 929 летови

Штрајкот во Lufthansa денес одложува 929 летови

640x-1

Германската воздухопловна компанија „Lufthansa“ поради продолжувањето на штрајкот на кабинскиот персонал ќе одложи 929 летови денес, мерка од којашто ќе бидат погодени повеќе од 100.000 патници, соопшти компанијата.

„Од 3.000 најавени летови ќе бидат одложени 929, а станува збор за полетувања и слетувања на аеродромите во Франкфурт, Минхен и Диселдорф“, се наведува во соопштението во коешто се прецизира дека штрајкот ќе погоди точно 113.000 патници.

Штрајкот започнува во 4,30 часот по средноевропско време и ќе трае до 23 часот, а влијание ќе почувствуваат главно регионалните и европските компании кои летаат преку аеродромите во Диселдорф и Франкфурт. Штрајкот во Минхен, исто така, ќе започне во 4,30 часот и ќе трае до полноќ.

Компаниите ќерки на „Lufthansa“, меѓу кои се „Germanwings“, „Eurowings“, „Swiss“ и „Austrian Airlines“, не се погодени од штрајкот.

Претходно беше објавено дека еднонеделниот штрајк на „Lufthansa“, кој го организираше синдикатот на воздухопловниот кабински персонал Ufo, ќе трае до 13-ти ноември.

Преговорите меѓу „Lufthansa“ и Ufo се водат веќе речиси две години, при што синдикатот се противи на намалувањето на бенефициите во врска со предвременото пензионирање и намалувањето на пензиското издвојување. Овој персонал има право да замине во пензија на 56 години, додека во Германија законската возраст е 65 години. Во неделата вечерта челниците на компанијата изразија подготвеност за „продолжување на преговорите“.

Последниот голем штрајк на Ufo се одржа во 2012 година, кога „Lufthansa“ мораше да одложи повеќе од илјада летови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП