26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија забрзано се движи напред, ЕБОР предвидува интензивен раст во 2015-та...

Македонската економија забрзано се движи напред, ЕБОР предвидува интензивен раст во 2015-та и 2016-та

ebrd 24

Согласно извештајот за Регионална економска иднина на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), објавен денеска, македонската економија ќе продолжи да расте со интензивна стапка, и со зголемување од 3,5 отсто во 2015-та и 2016-та година.

Растечките бројки во делот на извозот, значително се зголемени во првата половина од годината, се главниот двигател на ваквите економски резултати, кои се едни од најдобрите во регионот.

Меѓутоа, значајни негативни ризици произлегуваат од внатрешно-политичките проблеми и големиот раст на јавниот долг.

Во принцип, прогнозата за економиите каде што инвестира ЕБОР, останува поделена, при што земјите географски поисточно, се наоѓаат под поголемо влијание од руската рецесија, како и ниските цени на нафтата и на другите производи.

Регионите позападно, имаат придобивки од нагорниот тренд во еврозоната и влијанието на приспособливите монетарни политики на Европската централна банка.

Според најновиот извештај на ЕБОР за Регионална економска иднина, растот на целиот регионот се очекува да се забави за само 0,2 отсто оваа година, од 1,8 отсто во 2014-та година. Умерен раст од 1,6 отсто се очекува во 2016-та година. Овие предвидувања се непроменети од мај, но со нив се прикриваат регионалните разлики.

Се очекува украинската економија да се намали за 11,5 отсто во 2015-та година, што претставува влошување од четири процентни поени, во споредба со прогнозите од мај годинава.

„Во моментов, по пет последователни години на забавен раст, можеби ќе видиме некаков пресврт во 2016-та година. Како и да е, значајните негативни ризици остануваат како недостатоци“, рече Ханс Петер Ланкес, вршител на должност главен економист на ЕБОР.

Во извештајот, како еден од ризиците за поострото забавување на економските резултати во Кина, е зголемувањето на каматните стапки во САД, кое беше поголемо од очекуваното. Влијание имаат и политичката нестабилност, геополитичките тензии и нерамномерното спроведувањето на програмата за финансиска помош на Грција.

Извештајот истакнува дека бегалската криза која остро се засили во 2015-та, влијае врз економиите на голем број земји.

Од земјите „први на удар“ од оваа криза, се проценува дека Турција примила повеќе од два милиони бегалци, а во Јордан нивниот број изнесува речиси една петтина од населението. Во некои случаи, овој масовен прилив, доведува до отежнување на јавните услуги, владините финансии и пазарите на трудот.

Транзитните земји во југо-источна Европа, кои обезбедуваат медицинска и социјална заштита, храна, вода и сместување за бегалците, се соочуваат со логистички и фискални предизвици.

Гледано регионално, во извештајот на ЕБОР се предвидува релативно силна перспектива за централна Европа и балтичките земји, која е поддржана од квантитативното олеснување во Еврозоната и пониските цени на производите, кои овозможуваат полесни монетарни услови во регионот.

„Очекуваната просечна стапка на раст од околу 3 проценти во 2015-та и 2016-та година предвидува континуирана, иако бавна, конвергенција на нивоата на приходи со оние на развиените економии“, се вели во извештајот.

Економиите во југо-источна Европа, исто така имаат придобивки од квантитативното олеснување во Европа, послабото евро и пониските цени на нафтата. Генерално, се очекува растот да почне да се зголемува во 2015-та година, а да се одржува во 2016-та година. Развојот на економијата на Грција се очекува да се намалува во оваа и во следната година.

Економската прогноза за источна Европа и Кавказ за 2015-та година, под влијание на излевањето на последиците од рецесијата во Русија и поради подлабоката рецесија во Украина и Белорусија, е влошена.

Се очекува Украина повторно да бележи раст во 2016-та година. Се чини дека економијата го достигна дното во средината на годината и дека е на пат кон постепено закрепнување. Програмата на ММФ во Украина, во голема мера се спроведува според предвидувањата.

Растот во Турција се предвидува да остане непроменет, со 3 отсто во 2015-та година и 2,8 отсто во 2016-та година, што е под долгорочниот потенцијал на земјата. Слабата домашна побарувачка, може делумно да се компензира, со подобрување на извозот во 2016-та година, затоа што обновувањето во Еврозоната го поддржува извозот, а послабата домашна побарувачка и пониските цени на производите ги намалуваат сметките за увоз.

Во извештајот се истакнува дека Турција е особено ранлива на заканата за одливи на капитал, кои влијаат на новите пазари, со оглед на очекуваните зголемувања на каматните стапки во САД.

Во Русија, се очекува производството да се намали за 4,2 отсто во 2015-та година и за 1,2 отсто во 2016-та година. Потрошувачката и инвестициите ќе опаднат, со оглед на значително пониските цени на нафтата, со што ќе се интензивираат структурните проблеми и влијанието од економски санкции.

Во 2016-та година, се очекува рецесијата да се ублажи со прилагодување на економијата на пониски цени на нафтата.

Растот во централна Азија се очекува значително да забави во 2015-2016 година, во споредба со 2014-та година, за сметка на намалените цени на производите и силните економски врски на регионот со Русија.

Како резултат на силните инвестиции во јужниот и источниот Медитеран, предвидувањата беа ревидирани и за Египет. Во Тунис прогнозите за раст се послаби, заради влошувањето на условите во земјата, а регионалните безбедносни проблеми ја влошуваат состојбата за Јордан. Силните позитивни резултати во земјоделството, се очекува да го зголемат растот во Мароко на 4,9 отсто во 2015-та година. Во 2016-та година, се предвидува растот да забави и да изнесува 3,8 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП