27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

Најнови вести од светот 27.03.2013

Виена – Австрискиот концерн „Ред Бул“ е изложен на уцени од страна непознати лица, кои се закануваат дека неговите производи ќе ги загадат со фекални бактерии, доколку компанијата не им плати одредена сума пари. Концернот добил две заканувачки писма, пишува виенскиот весник „Курир“. „Ред Бул“ кој потврди дека добил заканувачко писмо, не сакаше да го коментира постоењето на второ писмо поради истрагата која е во тек. Државното обвинителство на Салцбург покрена истрага против непознати лица поради сомнеж на обиди за уцена.

 

Москва – Нето профитот на „Руските железници“ лани беше 14,11 милијарди рубљи (352 милиона евра) што е за 16,1 отсто помалку од 2011, соопшти компанијата. Приходите лани се зголемени за шест отсто на 1,366 милијарди рубљи, од 1,288 милијарди пред една година. Приходите од патничкиот сообраќај пораснале за девет отсто, на 8,12 милијарди рубљи, од 7,42 милијарди во 2011 година.

 

Сеул – Најголемиот бродоградител на светот, јужнокорејскиот „Хјундаи Хеви Индастриз“ соопшти дека обезбедил договор за изградба на две нафтени платформи за францускиот енергетски гигант „Тотал“ за сума од две милијарди долари. Според договорот со филијалата на „Тотал“ во Република Конго, „Хјундаи“ до почетокот на 2016 година ќе изгради платформа за подводно дупчење и уште една за експлоатација на нафта и гас во водите на Конго. Двете платформи ќе бидат сместени на нафтеното поле Мохо Норд, 80 километри од југозападниот брег на Конго, наведува јужнокорејската фирма, додавајќи дека се верува оти полето содржи резерви на нафта од околу три милијарди барели.

 

Москва – Цената на рускиот гас испорачан на Украина е многу пониска од цената која е одредена за континентална Европа, соопшти директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, одговарајќи на новинарско прашање дали Украина основано се жали на високите цени на рускиот гас. Милер додаде дека на лондонската берза цената на гасот минатиот петок достигнала 800 долари за 1.000 кубни метри, што е речиси двојно повеќе од цената по која „Газпром“ и испорачува гас на Украина во рамки на долгорочниот договор.

 

Тајпеј – Тајванската компанија „Хон Хаи“, позната по брендот „Фоксон“, четвртиот квартал од минатата година го зголеми нето профит за 5,6 отсто на 37 милијарди нови тајвански долари (1,2 милијарди американски долари). Најголемиот светски производител на електроника по договор и најголем снабдувач на „Епл“, го зголеми профитот благодарение на подобрата ефикасност на производството и проширувањето на линиите „Ајфон“ и „Ајпед“. Резултатите од работењето се покажаа подобри од оценките на аналитичарите, кои очекуваа профитот во четвртото тримесечие да биде 35,9 милијарди тајвански долари.

 

Виена – Австриските банки вратија 7,7 милијарди од вкупно 15,7-те милијарди евра помош добиени во 2012 година од Европската централна банка (ЕЦБ) за подобрување на ликвидноста. Австриските банки ја искористија можноста предвреме да вратат дел од помошта, а најголемиот дел во текот на минатиот месец го вратија „Ерсте груп“ и „Баваг“, соопшти главниот статистичар на Националната банка на Австрија (ОНБ), Јоханес Турнер. „Ерсте“ кон крајот на февруари на ЕЦБ и вратила четири милијарди евра, а „Баваг“ две милијарди евра.

 

Париз – Потрошувачката доверба во Франција падна во март и тоа под долгорочниот просек, соопшти француската статистичка агенција Инсее. Синтетичкиот индекс на потрошувачката доверба во Франција во март опадна од февруарските 86 на 84 индексни поени, што е многу под долгорочниот просек кој изнесува 100 поени. Аналитичарите прогнозираа дека индексот за март ќе се движи од 85 до 87 поени.

 

Загреб – „Хрватското електростопанство“ (ХЕП) склучи договор за набавка на среднонапонски склопни блокови со компанијата „Бродометалургија“. Се работи за стандардни уреди кои се користат за изградба на приклучоци на електроенергетска мрежа чија употреба се планира.

Сеул – Во четвртото тримесечие од 2012 година темпото на раст на јужнокорејската економија беше на најниско ниво од времето на рецесијата, предизвикана од светската финансиска криза во 2008 година. Во периодот октомври-декември 2012 јужнокорејскиот БДП порасна за 1,5 отсто во споредба со истиот период во 2011 година, што одговара на првичните прогнози, објави Банката на Кореја. Темпото на раст на БДП во споредба со третиот квартал е зголемено за 0,3 отсто, а понизок раст е забележан само во 2009 година.

 

Никозија – Депозитите во кипарските банки поголеми од 100.000 евра можат да бидат оданочени со стапка од  околу 40 отсто, односно тој процент на пари од сметките би бил претворен во акции на банката, изјави кипарскиот минситер за финансии Михалис Сарис за Би-Би-Си. Сарис потврди дека депозитите помали од 100.000 евра нема да бидат опфатени со ова оданочување. – Точната даночна стапка се уште не е утврдена, но ќе биде голема, рече Сарис. Конечната стапка ќе зависи од одлуката на владата околу начинот за заштита на пензиите.

 

Љубљана – Условите под кои на Кипар му е одобрен пакетот финансиска помош од ЕУ во износ од 10 милијарди евра, мора да бидат предупредување за периферните економии во еврозоната, па и за Словенија, дека своите финансиски и банкарски проблеми треба да ги решат што побрзо, оценува словенечкиот весник „Дело“. Единствен вистински пат словенечката Влада да ја избегне состојбата во која би била принудена да бара финансиска помош, е брзо спроведување на мерки за санација на банките, го пренесува „Дело“ ставот на финансиските аналитичари. Владата на Аленка Братушек, сметаат аналитичарите, мора да делува брзо и во следните два месеца треба да ја претстави својата буџетска политика и мерки за решавање на проблемот со лошите кредити акумулирани во словенечкиот банкарски систем, кои достигнуваат сума од 7 милијарди евра.

 

Париз – Изградбата на станови во Франција во последните три месеци (декември, јануари и февруари) е намалена за 22 отсто во однос на истиот период лани, на 77.113, пишува „Паризиен“. Според француското Министерство за домување, се работи за тренд кој почнал пред една година. За оваа година аналитичарите предвидуваат изградба на помалку од 280.000 станови, во споредба со 304.200 во 2012 година.

 

Атина – Независната компанија за финансиски консалтинг „ДеВере“, пријави пораст на бројот на штедачи кои бараат совет за префрлување на нивните пари од Кипар. Според извршниот директор на компанијата, Најџел Грин, расте загриженоста и за депозитите во Шпанија, Италија, Португалија и Грција.

Вашингтон – Темпото на продажба на новите куќи во САД е намалено во февруари, но се уште е на ниво кое е поголемо од претходната година, соопшти американското Министерство за трговија. Продажбата на нови куќи во февруари се движела по годишна стапка од 411.000 единици, во однос на јануарската стапка од 431.000.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП