Дури 170.900 нови модели на Audi во септември за првпат излегоа на улиците низ целиот свет со што етаблираната компанија од германскиот град Инголштат минатиот месец забележа пораст на продажбата за 6,8 отсто.
Само на европскиот пазар регистрирано е зголемување за 8,8 отсто, и тоа најмногу се должи на силниот старт на новиот „Audi Q7“ поради што брендот со четири прстени го доживеа и најдобриот септември во целото свое постоење со продадени речиси 80.000 возила.
„Во време на тешка пазарна состојба во важни региони, гледаме како нашата продажба во третиот квартал е позитивна. Растот во Европа покажува дека новите модели генерираат дополнителни зголемувања“, изјави Лука де Мео, член на одборот за продажба и маркетинг во Аudi AG.
Споредено со септември ланската година, „Audi“ успеа да испорача повеќе или околу 4.900 нови возила од семејствата „Audi Q7“ и „Audi TT“. До средината на следната година, компанијата има намера да лансира уште 15 нови или надградени модели на глобалниот пазар со што дополнително ќе ја зголеми продажбата.
Покрај „Audi Q7“, чија продажба е повеќе од дуплирана (+171,0 проценти) во Европа во септември, моделите А7 и А8 исто така постигнаа позитивни резултати.