Со огромно мнозинство Европскиот парламент даде „зелено“ светло за итно доделување на 35 милијарди евра за Грција. Со одлуката, нашиот јужен сосед ќе ги добие потребните средствата од европските структурни фондови (20 милијарди евра) и од земјоделските фондови (15 милијарди евра).
Предлогот за доделување на средствата во итна постапка беше поддржана од 586 европски пратеници, 87 гласаа против, а 21 се воздржаа од гласање. Причината за доделувањето на средствата е дека Грција е засегната по „уникатен начин“ од финансиската криза, станува јасно од мотивите за предлогот подготвен од Европската комисија.
„Земјата се соочува со недостиг на ликвидност и недостаток на јавни средства за јавни инвестиции, потребни за промовирање на одржливо закрепнување“, е запишано уште во резолуцијата, одобрена од ЕП.
Целта е сите пари на европските структурни фондови за минатиот програмски период (2007 – 2013 година) да бидат искористени навреме, односно до крајот на 2017-та година, како и да се помогне на Атина да го апсорбира европското финансирање за новиот програмски период до 2020-та година во помош на инвестициите.
Дополнително со 7% се зголемува и првично префинансирање на програмите од периодот 2014 – 2020-та година, што ќе донесе и дополнителни 1 милијарда евра за стартување на проекти кофинансирани од ЕУ.