Американските регулатори го прифатија предлогот на берзанскиот оператор Nasdaq за да плати оштета на брокерските фирми, кои во мај 2012 година ги изгубија парите, заради нестручно изведената иницијална јавна понуда на акциите на Фејсбук.
Во изменетиот предлог надвор од судскиот спор, NASDAQ на брокерските куќи им понуди оштета од 62 милиони американски долари.
Американската комисија за хартии од вредност (SEC) го прифати предлогот и на тој начин стави крај на спорот кој беше започнат минатата година, поради серија пропусти кои го потресоа пазарот, вклучувајќи ја и емисијата на долгоочекуваната иницијална понуда на акции (IPO) на Фејсбук.
IPO на Фејсбук беше организиран на 18 мај минатата година. Компанијата собра вкупно 16 милијарди долари, но почетокот на понудата доцнеше 30 минути заради технички проблеми на берзата Nasdaq.
Берзанскиот оператор тогаш одлучи да го префрли тргувањето со акциите на секундарниот систем, што доведе до одложување на нарачките и потврдите на многу клиенти.
Тоа на инвеститорите и трговците им донесе големи загуби, бидејќи цената на акциите падна по почетната фаза на раст.