Концернот „Volkswagen“ ја извести Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕPA) какви промени треба да бидат направени во автомобилите, опремени со дизел мотори „EA189“, за да може нивните нивоа на штетни емисии „NОx“ да бидат донесени во согласност со нормите.
Германскиот производител подготви две решенија кои ќе бидат применети за различните верзии на моторот. Кај некои од нив нема да подлежат само на репрограмирање на софтверот, туку и на преработка на опремата на самиот автомобил.
Моделите со мотор „EA189“ користат два вида системи за прочистување на издувните гасови. Повеќето машини, произведени во периодот 2009-2014 година, се опремени со катализатор „lean NOx traps“ кој станува задолжителен од 2012-та година. Кај оваа верзија за преработка на системот ќе биде потребно повеќе време, тврдат од „Volkswagen“. Со неа се опремени сите мотори со зафатнина од 1,6 литри.
Поголемиот – 2,0-литарски агрегат, користи софистицирана технологија. Во овој случај издувните гасови мешаат со раствор од уреа, кој го намалува нивото на штетните гасови.
И во двата случаи ќе треба репрограмирање на софтверот, но кај дел од автомобилите ќе се наметнат и промени во самата опрема. Експертите размислуваат дали интервенцијата нема да има негативно влијание врз силата на моторите и нивната потрошувачка на гориво.
Како што е познато, „Volkswagen AG“ мора да прегледа 11 милиони автомобили од брендовите „Volkswagen“, „Audi“, „Skoda“ и „Seat“ во целиот свет. Сервисните акции во некои земји веќе започнаа.