19 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗИ 700.000 Seat-и со уреди за мамење на еко-тест

И 700.000 Seat-и со уреди за мамење на еко-тест

motor seat 003

Автомобилската компанија „Seat“ објави дека околу 700.000 нејзини возила се опремени со софтверот кој на нејзината матична компанија „Volkswagen“ и им овозможи мамење на американските тестови за емисиите на штетните материи од дизел моторите.

Портпаролот на „Seat“ изјави во вторникот дека во моментов се обидуваат да утврдат колку од тие возила се продадени на поединечните национални пазари. Во Шпанија има малку повеќе од 3.000 возила кои го имаат спорниот софтвер.

Минатата седмица „Volkswagen“ објави дека со тој скандал се опфатени 11 милиони возила. Од тоа пет милиони возила се под брендот VW, други 2,1 милиона се „Audi“, 1,2 милион „Škodа“, 1,8 милиони ванови и 700.000 возила на „Seat“.

Од „Seat“, исто така, објавија дека планираат да го контактираат сопствениците на возилата поради правење тестови. Покрај тоа, на својата интернет страница ќе стават пребарувач кој на клиентите ќе им овозможи да утврдат дали нивното возило го има споменатиот софтвер. Шпанскиот производител ја запре продажбата и испораките на новите возила со моторот ЕА 189.

Од „Volkswagen“ минатата седмица признаа дека околу 11 милиони возила со дизел мотори ширум светот се опремени со уредот кој овозможува давање поинакви податоци при еколошките тестирања, по што извршниот директор на концернот Мартин Винтеркорн понуди оставка.

Во петокот вечерта, непосредно пред именувањето на новиот челник на концернот, досегашниот прв човек на „Porsche“, Матијас Милер, беше објавени списокот со околу пет милиони возила со моторот од типот ЕА 189 кои се опремени со проблематичниот софтвер.

Американската агенција за заштита на природната средина (EPA) му нареди на „Volkswagen“ да ги отстрани недостатоците, а германската компанија ја запре продажбата на сите возила на дизел погон во САД за време на истрагата којашто може да резултира со казна во висина од 18 милијарди долари, што е повеќе од севкупната минатогодишна оперативна добивка на компанијата.

Германското обвинителство во понеделникот објави дека покренало истрага против Винтеркорн поради обвиненијата за „измама при продажба на возила поради манипулација со податоци за штетни емисии“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП