15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСБ: Македонија ќе има раст од 3,2 отсто

СБ: Македонија ќе има раст од 3,2 отсто

svetska_banka

Македонија се очекува во 2015 година да оствари економски раст од 3,2 отсто, се наведува во редовниот регионален извештај на Светската банка (СБ) за шесте држави од западен Балкан, објавен во понеделникот во Сараево.

Извештајот се однесува на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Косово, а главната економистка на СБ за регионот Галина Винцелете рече дека е извесно дека сите држави ќе имаат позитивна стапка на раст во 2015 година.

„Вкупните очекувања се дека стапката на раст за целиот регион ќе биде околу 1,8 отсто, при што ќе предничат Црна Гора и Македонија со раст од 3,4, односно 3,2 отсто“, изјави Винцелете.

Главни двигатели на македонскиот растот ќе останат странските и јавните инвестиции, особено оние во градежништвото, што значително ќе придонесат за намалување на невработеноста, која во првиот квартал изнесувала 27,3 отсто, соопштува банката.

Отворањето на нови работни места, но и зголемувањето на социјалните трансфери, платите и пензиите во голема мера ќе ја зголемат личната потрошувачка, се вели во извештајот.

Во првата половина од годината се зголемиле инвестициските заеми за компаниите за 7,6 отсто, извозот во вториот квартал пораснал и покрај кризата во Грција, што значително придонело за пад на трговскиот дефицит.

Главни предизвици за македонската економија остануваат справувањето со бегалската криза и спроведувањето н аполитичкиот договор. Претставниците на Светска Банка велат дека Македонија и Србија имаат особено големи проблеми кога е во прашање протокот на мигранти, но и дека неодамнешната одлука на хрватската влада да ги отвори границите кон Србија значи напредок во трговијата и слободен проток на стоки во Европската Унија.

Македонија е една од државите во регионот чиј банкарски систем останал стабилен во овие услови. Кредитирањето лани растело со стапки од околу 10 отсто, бележи зголемување и годинава, но со помал интензитет во вториот квартал поради политичката нестабилност и кризата во Грција. Сепак, останало високо нивото на нефункционални кредити во корпоративниот сектор од 15 отсто.

Според Светска Банка, Македонија останала меѓу најниско задолжените држави во Југоисточна Европа со јавен долг од 40,2 отсто во првиот квартал од годинава. Банката проектира раст на долгот до крајот на годинава поради задолжувањето на домашниот пазар, но и задржување во рамки на среднорочните фискални планови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП