Целосно новиот караван на „Subaru“ е веќе во Европа. Моделот „Levorg“ дебитираше на саемот во Франкфурт, а ќе биде достапен на пазарите на Стариот континент уште оваа есен.
„Subaru Levorg“ е позициониран меѓу „Legacy“ и „Impreza“, а неговото име претставува кратенка од „LEgacy reVOlution touRinG“. Автомобилот има компактни надворешни димензии од суспендираната во 2008-ма година четврта генерација „Legacy Tourer“ – должина 4690 мм, ширина 1780 мм, висина 1465 мм и меѓуоскино растојание од 2650 мм, но во исто време нуди пространа кабина. Кај „Levorg“ просторот за нозете, главата и рамениците на предните и задните седишта е поголемо отколку кај стариот „Legacy Tourer“. Багажникот демонстрира волумен од 522 литри, кој може да биде зголемен до 1446 литри при преклопување на задните седишта.
Новиот „Levorg“ има амбиција да понуди и подобро изработена кабина. Всушност од „Subaru“ велат дека ентериерот на новиот караван е еден од најлуксузните во сегментот, бидејќи е создаден од материјали со врвен квалитет.
Зборувајќи за внатрешноста на моделот, врвните верзии нудат кожни седишта со контрасни шевови, мултифункционален дисплеј, како и 7,0-инчен екран на допир за инфо-забавниот систем. Со кожа се тапацирани вратите, како и елементи од централната конзола и инструмент таблата.
Основниот моделот е со 1,6-литарски „DIT“ агрегат. Тоа е бензински мотор со турбо и директно вбризгување кој генерира 170 КС и 250 Нм. Агрегатот е поврзан со новата вариаторна трансмисија „Lineartronic“ и системот „AWD“, а според информациите од компанијата обезбедува слична динамика со атмосферски 2.5-литарски мотор. Забрзувањето од место до 100 км/час трае 8,9 секунди, а просечната потрошувачка на гориво е 7,0 l / 100 km.
За најмоќниот бензински мотор е задолжен 2.0-литарски „DIT“. Тој развива 300 КС и 400 Нм, но во моментов недостасуваат податоците за динамичките индикатори.
При премиерата во Франкфурт беше објавена и почетната цена на моделот за Европа – 28.990 евра.