28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерството за финансии ја скрои државната каса за 2016 година

Министерството за финансии ја скрои државната каса за 2016 година

bnn

Повеќе пари за капитални инвестиции, зголемување на пензиите и на социјалните надоместоци, буџетски дефицит од 3,2%. Министерството за финансии ја скрои државната каса за 2016 година. Во неа има повеќе пари за капитални инвестиции, планирани се средства за покачување на пензиите и социјалните надоместоци.

Министерот за финансии, Зоран  Ставрески вели дека преку висок износ за капитални инвестиции треба да се поттикне развојот на македонската економија и да се обезбеди стабилност за ранливите категории граѓани, со заштита на нивниот стандард.

„Станува збор за буџет кој се потпира на двата основни столба, како политики што ги имавме и во претходниот период, а тоа е преку висок износ на капитални инвестиции да го помогнеме развојот на македонската економија, а од друга страна да обезбедиме стабилност, особено за ранливите категории граѓани, за заштита на нивниот животен стандард преку соодветен пораст на средствата што се наменети за пензионерите, за примателите на социјална и постојана парична помош“ – објаснува првиот финансиер, Зоран Ставрески.

Се очекува економскиот раст да достигне 4 проценти и да биде движен од градежништвото, индустријата, порастот на нето извозот, подобрувањето на кондицијата на европската економија, а големо влијание треба да имаат капиталните инвестиции и јавната потрошувачка. Инфлацијата е проектирана на 2 процента.

 

Капиталните инвестиции зголемени за 12,9%

За капитални расходи се планираат 408 милиони евра. Од нив, за автопатската делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, која треба целосно да биде завршена во 2016 година, се одвоени 42 милиона евра, уште 36 милиони се обезбедени за железничкиот транспорт, 50 милиони се за водоводни и канализациони мрежи. Во државната каса има пари за реконструкција на студентските домови, за училиштата, градинки. Во делот на здравството, планирана е реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и за Клиничкиот центар во Скопје. За земјоделците се одвоени 141 милион евра за субвенции.

 

Бизнисот очекува капиталните инвестиции да ја засилат економијата

За бизнис заедницата  значаен е развојниот сегмент на буџетот, пред сѐ преку реализација на капитални инвестиции, изградбата на автопати, регионални и локални патни правци, модернизација на железничкиот транспорт, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори, смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.

-Сето ова значи ангажман на домашните компании, особено во градежништвото, кое понатаму повлекува и други 25 гранки што работат со нив. Веруваме дека индустријата и градежништвото ќе бидат носители на растот во 2016 година, вели Арсовска.

 

Повисоки пензии за подобар стандард

Освен парите за капитални проекти кои буџетот го прават развоен, во него е задржана и социјалната компонента, со која е калкулирано зголемување на пензиите и социјалните надоместоци.

Претседателот на Сојузот на Здруженија на пензионери, Драги Аргировски вели дека пензионерите се задоволни. Се зголемува купованата моќ и се зголемува самата основица на пензијата. Спорд него, пензионерите заслужуваат државата да се грижи за нив, за да имаат достоинствени услови за живот и во третата доба.

 

Буџетот низ бројки

Владата во 2016планира да потроши 3 милијарди и 183 милиони евра, а да собере 2 милијарди 874 милиони, што значи дека буџетскиот дефицит ќе биде понизок во однос на годинава и ќе се позиционира на 3,2 проценти, односно ќе изнесува 309 милиони евра. Во државната каса треба да се соберат за 6% повеќе пари од годинава, расходите се зголемени за 4,7%.

 

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП