26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајнови вести од светот

Најнови вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 25.03.2013

 

Париз – Франција во првите шест месеци од оваа година ја очекува стагнација на потрошувачката, намалени инвестиции и укинување на работни места, оценува статистичката агенција Инсее. Единствена светла точка на француската економија во првата половина на 2013 година ќе биде извозот, кој ќе забележи благ раст, благодарение на добриот пласман на француските стоки на пазарите во САД и Германија. Според извештајот на Инсее, стопанскиот раст на Франција во 2012 беше рамен на нула, а не како што беше претходно објавено 0,1 отсто.

 

Загреб – Стапката на невработеност во Хрватска за февруари изнесуваше 21,9 отсто, колку што беше и во јануари, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Во соопштението се наведува дека се работи за највисока стапка од јули 2002 година, кога невработеноста достигна 22 отсто. ДЗС соопшти и дека просечната месечна исплатена нето плата по вработен во Хрватска за јануари изнесувала 5.529 куни (729,4 евра), додека просечната бруто плата за тој месец изнесувала 7.974 куни (1.052 евра).

 

Франкфурт – Германскиот производител на автомобили „Опел“ соопшти дека ќе го забрза процесот за затворање на фабриката во Бохум, која е една неговите клучни фабрики во Германија, до крајот на 2014 година, односно порано од претходно планираното. Ваквата најава следи откако синдикатите го отфрлија предлогот фабриката во Бохум да остане отворена до крајот на 2016 година, во замена за замрзнување на платите и други мерки за штедење. Во рамки на договорот постигнат кон крајот на февруари со американскиот гигант „Џенерал Моторс“, кој е сопственик на „Опел“, германската компанија понуди да продолжи со производството на автомобили во Бохум до крајот на 2016 година, а потоа фабриката да продолжи да произведува автоделови и да функционира како логистички центар со 1.200 вработени, наместо сегашните 3.200.

 

Москва – Претседателот на управниот одбор на „Газпром“ Алексеј Милер и претседателот на најголемата кинеска државна нафтена компанија ЦНПЦ, Џоу Џипин, во Кремљ потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на гасовод за транспорт на природен гас во Кина. – Потпишаниот документ има стратешки и долгорочен карактер. Тој ги дефинира параметрите за испораки на руски природен гас во Кина по источната маршрута и постави основи на 30-годишен договор за испорака на гас од Русија во Кина, рече Милер.

 

Љубљана – Гувернерот на Банката на Словенија Марко Крањец смета дека Словенија не може да се најде во состојба во каква што е денес Кипар. – Обемот на БДП и ризичните заеми покажува дека состојбата не може да биде толку сериозна во Словенија, како што е на Кипар, рече Крањец. Гувернерот на словенечката централна банка исто така верува дека неговата земја може да преживее без меѓународна финансиска помош, предупредувајќи дека сепак се зависи од политиката. – Во последната година се водеше политика на консолидација и тоа ќе овозможи враќање на довербата кај странските инвеститори во словенечкото стопанство, вели Крањец.

Пекинг – Најголемата кинеска нафтена компанија ЦНООЦ соопшти дека лани забележала пад на нето профитот за 9,3 отсто на 63,7 милијарди јуани (10,3 милијарди долари) во споредба со 70,3 милијарди јуани во 2011 година. Аналитичарите прогнозираа добивка од 65,3 милијарди јуани, очекувајќи пад на показателот поради зголемени оперативни расходи на компанијата за експлоатација на минерални ресурси во Кина. Приходите на компанијата во 2012 се зголемиле за 2,8 отсто на годишно ниво, на 247,6 милијарди јуани.

 

Атина – Третата по големина грчка банка „Пиреус“, ќе ги преземе грчките филијали „Банката на Кипар“ и на „Кипарската народната банка“ (Лаики) за да обезбеди стабилност на нивната работа во Грција, соопшти извор од грчкиот банкарски сектор. Грчкиот фонд за финансиска стабилност одобри „Пиреус“ банката, која е еден од примачите на европска помош, да ги преземе филијалите на кипарските банки, откако властите на Грција и Кипар постигнаа договор, наведува изворот.

 

Берн – Швајцарскиот прехранбен производител „Херо“, познат по конзервираните џемови и храната за бебиња, лани оствари бруто профит од 88,9 милиони франци, што е трипати повеќе во однос на 32,6-те милиони во 2011 година. Приходите од продажбата пораснале за 1,7 отсто во однос на фискалната 2011 година и се стабилизираа на вредност од 1,43 милијарди франци, објави компанијата. Меѓутоа, растот сепак бил ограничен од тешките услови на европскиот, но и на американскиот пазар, кои се два главни пазари на овој производител.

 

Белград – Српскиот министер за финансии и економија Млаѓан Динкиќ и генералниот директор на „Фиат автомобили Србија“ (ФАС), Антонио Чезаре Ферара, потпишаа протокол кој на граѓаните на Србија ќе им овозможат да купат автомобил „Фиат 500Л“ по поволна цена од 10.900 евра. По потпишувањето на протоколот, Динкиќ истакна дека од буџетот ќе бидат одобрени 3.000 евра попуст по возило, а граѓаните ќе имаат можност автомобилите да го купат на кредит со рок на отплата од 5 години и годишна камата од 3 отсто.

 

Берн – Бројот на кокошките во Швајцарија е во пораст и достигна 10 милиони во 2012 година, што претставува зголемување од 5 отсто во однос на претходната година, објави швајцарската Сојузна служба за статистика. Почнувајќи од 1996 швајцарското земјоделство бележи раст на бројот на кокошките за 60 отсто, додека само во 2006 година дојде до привремено намалување предизвикано од птичјиот грип. Сепак, швајцарскиот живински фонд задоволува само половина од потребите на пазарот за јајца и пилешко месо во Швајцарија.

 

Берлин – Деловната доверба во Германија во март се намали, првпат во последните нколку месеци, како последица од разочарувачките економски податоци, политичкиот застој во Италија и кипарската криза која ја загрози деловната клима во водечката европска економија. Индексот на деловната доверба, кој го пресметува економскиот Институт Ифо, падна во март на 106,7 индексни поени од февруарските 107,4 поени, што е прв пад на овој индекс од октомври минатата година. – Компаниите во март изразија помал оптимизам во поглед на перспективата на нивното идно работење, изјави директорот на Институтот, Вернер Син.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП