19 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗBMW Serieѕ 7 заблеска во Франкфурт (фото)

BMW Serieѕ 7 заблеска во Франкфурт (фото)

ah sedum

Баварскиот производител го искористи саемот во Франкфурт да го претстави моментално својот најекслузивен и најпрестижен модел и на јавноста да и ги прикаже најнапредните технологии со кои располага.

Новата генерација на врвната лимузина на „BMW“ има подобрен дизајн, но само во границите кои се дозволени за модел кој е наменет пред се за конзервативните клиенти.

За автомобилот од оваа големина заштедата на маса е важна ставка во проектната задача, а „BMW“ на тој план постигна голем напредок со употребата на полесни материјали, како што се јаглеродни влакна, алуминиум, магнезиум…

Во споредба со претходникот, новиот модел – во зависност од моторот и пакетот на опрема – е полесен и до 200 kg.

ah sedum1

Стандардната верзија е долга 5.098 mm, широка 1.902 mm, a висока 1.467 mm, додека растојанието меѓу осовините изнесува 3.070 mm, како и кај претходната генерација.

Во понудата ќе се најде и модел со продолжено меѓуосовинско растојание (3.210 mm).

Ова верзија е и нешто повисока (1.479 mm), додека пак ширината останува иста како и кај стандардната верзија.

Внатрешноста исто така е модернизирана во однос на претходниот модел.

ah sedum2

Автомобилот е опремен со новиот „iDrive 5.0“ мултимедијален систем (со екран чувствителен на допир со дијагонала од 7 инчи), кој за прв пат ќе може да се управува со помош на гестови.

На располагање е и бежичен полнач за батериите на мобилните телефони и „Ambient Air“ пакет кој по желба испушта во кабината различни пријатни мириси.

Во новата „Seriеѕ 7“ дебитираше и системот на „BMW“ за далечинско паркирање (Remote Control Parking), кој на возачот му овозможува да го паркира возилото со далечинска команда, без оглед дали се наоѓа во или надвор од автомобилот.

„BMW Serieѕ 7“ стандардно е опремен со воздушна суспензија која има функција за автоматско подесување на висината за време на возењето.

ah sedum3

Исто така за прв пат, „седмицата“ има систем за управување на сите 4 тркала („Integral Active Steering“ или „X Steer“), кој е комбиниран со системот за погон на двете осовини (xDrive).

Кога станува збор за најлуксузната содржина, во моделот со продолжено меѓуосовинско растојание во понудата е и пакетот „Executive Lounge“, кој подразбира четириозонски клима уред и седишта со вградена вентилација и масажер, додека патниците кои се наоѓаат позади можат положбата на своите седишта да ја подесуваат со помош на електрика.

Палетата на мотори се состои од два бензинци, еден дизел и еден хибриден погонски систем. „BMW 740i/740Li“ опремен е со 3.0 литарски „TwinPower Turbo“ шестцилиндарски мотор со 326 ks (240 kW) и 450 Nm.

Oд 0 дo 100 km/h aвтомобилот стигнува за 5,5 секунди, а развива максимални електронски ограничени 250 km/h.

ah sedum4

Моментално најмоќната бензинска верзија, „750i xDrive/750Li xDrive“, под хаубата има 4.4 литарски „TwinPower Turbo V8“ кој произведува 450 ks (330 kW) и 650 Nm. До „стотка“ забрзува за 4,4 секунди, пред да ги достигне исто така фабрички ограничените 250 km/h.

Дизел верзијата, „BMW 730d/730Ld/730d xDrive/730Ld xDrive“ има 3.0 литарски „TwinPower Turbo“ шестцилиндарски агрегат со 265 ks (195 kW) и 620 Nm максимален вртежен момент.

Малку побавна од бензинецот, оваа верзија од 0 дo 100 km/h стигнува за 5,8 секунди со максимална брзина од 250 km/h. Зa пренос на моќта е употребен осумстепен автоматски менувач.

Новиот „BMW Serieѕ 7“ во европските продажни салони ќе пристигне во октовмри 2015-та, а во 2016-та понудата ќе биде проширена со хибридната „Plug-In“ верзија „740e/740Le/740Le xDrive“.

ah sedum5

Овој модел погон ќе добива од четирицилиндарскиот 2.0 литарски „TwinPower“ турбо бензинец потпомогнат од електромотор со 95 ks (70 kW).

Вкупната комбинирана моќ ќе достигне 326 ks (240 kW), па автомобилот до „стотка“ ќе забрзува за 5,5 секунди и ќе достигне 240 km/h.

Од „BMW“ тврдат дека просечната потрошувачка ќе изнесува само 2,1 l/100 km и дека возилото ќе може да мине до 40 km само со помош на електрична енергија од погонската батерија. Само на електрична енергија, максималната брзина е лимитирана на 120 km/h.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП