17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекорден пад на девизните резерви додека Кина се обидува да го стабилизира...

Рекорден пад на девизните резерви додека Кина се обидува да го стабилизира пазарот

chi

Кинеските девизни резерви паднале во август за рекордни 94 милијарди долари, бидејќи тамошните власти вложуваат големи напори за да го стабилизираат курсот на јуанот и финансиските пазари, по потресот предизвикан со неочекуваната девалвација на кинеската национална валута.

Податоците на кинеската централна банка покажуваат дека нејзините девизни резерви, најголеми инаку во светот, во август паднале на 3.557 милијарди американски долари.

Рекордниот пад на девизните резерви го постави прашањето дали напорите на кинеските власти во стабилизацијата на јуанот се одржливи, додека капиталот се повлекува од земјата поради забавувањето на растот на втората светска економија. Покрај тоа, бидејќи се очекува скорешно зголемување на каматите во САД, вложувачите го пренасочуваат својот капитал од земјите во развој на развиените пазари.

Сепак, падот на девизните резерви е помал од очекувањата на аналитичарите кои проценуваа дека кинеските резерви ќе се намалат дури за 200 милијарди долари, поради неочекуваната девалвација на јуанот на 11-ти август, што ги потресе и кинеските и глобалните пазари. Настојувајќи да ја зголеми конкурентноста на своите производи на светските пазари, а со тоа и раст на заспаната национална економија, кинеските власти тогаш го девалвираа јуанот за речиси 2 отсто.

Меѓутоа, тоа предизвика стравувања дека растот на кинеската економија забавува повеќе отколку што се проценуваше, па јуанот се најде под уште поголем притисок, додека цените на кинеските акции дополнително остро паднаа, иако уште од половината на јуни беа во стрмна надолна патека.

Аналитичарите велат дека кинеските власти тогаш биле многу изненадени од негативната реакција на финансиските пазар, па веројатно следните месеци ќе го држат јуанот на узди, за да не предизвикаат валутна војна во светот.

Кина сега се обидува да докаже дека тамошните финансиски пазари се стабилизирани по девалвацијата на јуанот, која што не само што предизвика остар пад на цените на кинеските акции, туку ги потресе и најголемите светски берзи. Минатиот викенд на средба на групата Г20 на најголемите светски економии, гувернерот на кинеската централна банка, Жу Ксиаочуан, изјави дека кинеските финансиски пазари речиси се при крајот од корекциите, откако цените на тамошните акции од половината на јуни потонаа за повеќе од 40 отсто.

Меѓутоа, неговите коментари, како и ветувањата за натамошни реформи на финансиските пазари, не ги импресионираа инвеститорите, па во понеделникот најважниот индекс на берзата во Шангај падна за 2,5 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП