24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајнови вести од светот

Најнови вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 22.03.2013

 

Берн – Најголемата швајцарска туристичка компанија Куони забележа лани нето загуба од 13,2 милиони франци, додека претходната година остварила профит од 33,3 милиони франци. Загубата на компанијата која е основана во 1906 година во Цирих, предизвикана е пред се од гасење на активностите во повеќе европски земји кои се проценети како нерентабилни. Ако би се исклучил овој елемент, Групата би работела со профит од 35,1 милион франци.

 

Париз – Француската компанија Веолиа Енваермент, гигант во секторот за животна средина, вода, отпад, енергија, ќе отпушти 10 отсто од работната сила во Франција во рамки на планот за трансформација, објави дирекцијата на таа фирма. Компанијата пред синдикатите најави дека е принудена да отпушти 1.500 од вкупно 15.000 вработени, со идеја да се избегнат присилни заминувања.

 

Токио – Јапонија во февруари забележа трговски дефицит од 8,1 милијарда долари, што зборува за неизвесна состојба во која се наоѓа земјата. Најновите податоци укажуваат на тежината на задачите кои стојат пред владата на премиерот Шинзоа Абеа, а кој вети дека ќе направи пресврт во јапонската економија со помош на зголемување на јавната потрошувачка и агресивна монетарна политика на централната банка. Јапонија во февруари забележа трговски дефицит од 777,5 милијарди јени во однос на суфицитот од 25,9 милијарди јени во истиот период лани, покажуваат објавените податоци од министерството за финансии. Вкупниот извоз во тој период паднал за 2,9 отсто, на 5,28 билиони јени, додека увозот скокнал за 11,9 отсто, на 6,06 билиони јени.

 

Париз – Бројот на Французите кои планираат некаде да отпатуваат во текот на одморите во 2013 година е на историски минимум поради падот на животниот стандард, а буџетот за одмор најмногу е намален кај средната класа, открива најновото истражување на компанијата Протуризам. Во 2013 година 40 милиони Французи, возрасни и деца, планираат да отпатуваат некаде во текот на одморите, на најмалку три дена, додека во 2012 година такви планови имале 43 милиони жители, што е намалување за цели пет поени (од 67 отсто во 2012, на 62 во 2013 година).

 

Берн – Швајцарската компанија Руаг Холдинг, активна во секторот за авијација и одбрана, лани забележала нето профит во износ од 81 милион франци, што е пад од 16,9 отсто во однос на претходната година. Во исто време, приходите од продажбата пораснале за 1,6 отсто, на 1,74 милијарди франци. Оперативниот профит (ЕБИТ) е зголемен за 3,7 отсто, на 114 милони франци, наспроти тешките пазарни услови и намалување на средствата од државниот буџет, објави компанијата во своето соопштение кое го пренесе швајцарскиот весник 24 часа.

 

Никозија – Кипарските политичари се договорија да основаат инвестициски фонд во рамки на алтернативниот план за добивање на палет за спас. – Врз основ на предлогот на претседателот Никос Анастасијадис постигнат е консензус и едногласна одлука за основање на Фонд за инвестициска солидарност, изјави портпаролот на кипарската влада Христос Стилијанидес. Останатите политичари кои присуствуваа на кризниот состанок со претседателот Анастасијадес порачаа дека данокот на банкарските депозити во целост е отфрлен.

 

Загреб – Хрватската ОТП Банка во 2012 година ја одржала профитабилноста на нивото од ланската година и остварила нето добивка во висина од 100 милиони куни (околу 13 милиони евра), спротивно на негативниот тренд на целиот балкански сектор. За овој резултат придонесе растот на добивката од девет отсто и зголемените нето приходи од каматите и надоместоците, како и умерениот раст на оперативните трошоци. Растот на нето приходот од камати на ОТП Банката изнесувал 2,7 отсто, а нето приходот од надоместоци 11,8 отсто, додека хрватскиот банкарски сектор во целина забележа пад во двата сегмента.

 

Москва – Барањето на Србија на рускиот пазар да добие право на бесцарински извоз на автомобили Фијат, кои се произведуваат во крагуевската фабрика, ќе биде тешко да се оствари, тврди московскиот деловен дневник Комерсант во денешното издание. Весникот пишува дека стопанската делегација, која ја предводи министерот за надворешна и внатрешна трговија Расим Љајиќ, во текот на дводневните преговори со високи руски владини функционери побара во списокот за производи кои имаат бесцарински третман на рускиот пазар, покрај автомобилите да ги внесат и цигарите, сирењето и шеќерот.

 

Берлин – Најголемиот германски кредитор Дојче банка очекува солиден прв квартал благодарение на добрите приходи и напредокот во спроведување на штедењето, изјави еден од извршните директори на банката Анша Дзаин. Дзаин наведе дека групацијата очекува солидни резултати во првиот квартал во сите обласи на работата, благодарение на силните приходи на ниво слично на ланското. Дојче банка во првите три месеци во 2012 година, оствари приходи од 9,19 милијарди евра.

 

Даблин – Ирското стопанство порасна за 0,9 отсто во 2012 година, но стагнираше во последниот лански квартал, соопшти Заводот за статистика во Даблин. Минатата година е втора по ред во која БДП е зголемен на годишно ниво, по три години пад, од 2008 до 2010. Ланските резултати се во рамки на прогнозите на ирската влада. Економијата на Ирска во последниот квартал во 2012 забележа нулта раст во однос на претходните три месеци, наведе Заводот.

 

Москва – Росњефт соопшти дека ги завршил сите правни и финансиски формалности околу преземањето на 100 отсто акции на ТНК-БП. Претседателот на Росњефт Игор Сечин и шефот на Бритиш петролеум Роберт Дадли го обавестија за тоа рускиот претседател Владимир Путин, кој им честиташе на завршената трансакција. – Ви честитам на завршената трансакција – рече тој при средбата со главниот извршен директор на БП Роберт Дадли, на која присуствуваше и претседателот на Росњефт Игор Сечин.

 

Париз – Вредноста на акциите на француско-британската групација Евротунел, која управува со тунелот под Ламанш, порасна на Париската берза за 1,6 отсто на 6,78 евра, како реакција на објавувањето на годишните резултати на компанијата. Дивидендата порасна за 50 отсто, на 0,12 евра по акција. Бруто добивката на Евротунел во 2012 година е зголемена за 10 отсто, на 461 милион евра.

 

Мадрид – Трошоците за задолжување на Шпанија паднаа на аукција на обврзници, намалувајќи ја загриженоста дека можниот колапс на банките во Кипар ќе ги принудат инвеститорите да заминат и од други проблематични земји на еврозоната. Со продажбата на обврзници со рок на доспевање од 2, 5 и 10 години, Мадрид собра 4,51 милијарда евра, надминувајќи ја целта од 3 до 4 милијарди, сметајќи дека побарувачката три пати ја надминала понудата. Приносите од облигациите се намалени во однос на слична аукција од минатиот месец. – Ова е охрабрувачка акција која укажува на агресивен старт на Шпанија во циклусот на финансирање за 2013 година, кој по своја прилика, нема да ги загрози настаните на Кипар – оцени аналитичарот на лондонската истражувачка куќа ИХС Раџ Бадијани.

 

Мадрид – Трговскиот суфицит на Шпанија е намален во јануари поради растот на извозот, што се ретко добри вести за земјата која минува низ втора рецесија по ред. Извозот во јануари е зголемен за 7,9 отсто на годишно ниво на 17,88 милијарди евра, додека увозот пораснал за 5,7 отсто на 21,38 милијарди, главно поради растот на побарувачката на енергенси, па трговскиот дефицит е намален за 4,3 отсто, на 3,5 милијарди евра, соопшти Министерството за економија во Мадрид. Шпанија го зголеми извозот, главно на пазари надвор од ЕУ, а извозот во ЕУ ја чинеше 63,5 отсто од вкупниот извоз, во однос на 66 отсто од истиот месец во 2012 година.

 

Братислава – Словачката фабрика на германскиот производител за автомобили Фолксваген, лани двојно го зголеми производството на рекордни 419.888 возила, од 210.441 во 2011 година. За оваа година компанијата предвидува зачувување на производството на ланското ниво, а планира и да покрене производство на автомобили од серијата Нов мал семеен автомобил (New Small Family) на електричен погон, рече претседателот на управниот одбор на Фолксваген во Словачка Албрехт Рејмолд. – Би сакале да ги надминеме ланските резултати, но Фолксваген во Словачка не е никаков изолиран остров. Во Европа состојбата е лоша и ќе мораме да реагираме флексибилно – рече Рејмолд, според кој фабриката оваа година ќе се насочи на одржување на производството. Две петтини од ланското производство на фабриката заминало во Германија, а останатите големи купувачи беа Кина, Британија и Холандија.

 

СтокхолмШведскиот производител на облека Х&M забележа пад на нето профитот во првиот квартал, во светло на разочарувачки приходи и неповолен девизен курс. – Приходите од првото тромесечје не ги исполнија нашите очекувања – рече извршниот директор на компанијата Карл-Јохан Персон. Нето профитот на шведската модна фирма падна за 12 отсто во три месеци заклучно со февруари на 2,45 милијарди круни (294 милиони евра). Приходите пораснаа за само 2 отсто на 33,14 милијарди круни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП