По 44 години, германската компанија „Mercedes-Benz“ ја претстави првата отворена верзија со четири места на моделот „S-Class“.
Автомобилот беше најавен како најубавата и најексклузивната модификација на предводникот во гамата, а ќе има официјална премиера подоцна во овој месец на саемот во Франкфурт.
„Mercedes-Benz S-Class Cabrio“ е базиран на неодамна претставениот „S-Class Coupe“. Основната разлика е во покривот, кој е подвижен и е изработен од три слоја посебен акустичен текстил. Мекиот покрив ќе се нуди во четири бои – црна, темно сина, беж или темно црвена, а може да биде отворен или затворен за само 20 секунди при брзина до 60 км/час.
Внатрешноста исто така го демонстрира познатиот дизајн од „S-Class Coupe“. Кај кабриолетот сепак се нудат голем број на системи кои обезбедуваат максимална удобност без оглед на волјата на времето.
Моделот е опремен со пакетот „Warmth Comfort“, вклучувајќи волан, потпирачи за раце и седишта со греење. Достапен е и пакетот „AIR-BALANCE“ кој претставува нешто како паметни ароматизери.
Меѓу опциите присуствуваат уште и автоматскиот систем за заштита од ветер, „AIRCAP“, како и оригиналниот воздушен шал „AIRSCARF“ кој насочува топол воздух околу вратовите на патниците.
Основниот модел на кабриолетот ќе ги има иницијалите „S500 Cabrio“. Тој се движи од 4,7-литарски V8 мотор со 455 КС и 700 Нм. Ќе се нудат и врвните спортски модификации „S63 AMG“ и „S63 AMG 4MATIC“. Кај нив моторот е 5,5-литарски V8 и генерира 585 КС и 900 Нм. Во моментов е познато дека максималната верзија со погон на сите четири тркала е способна на спринт од 0 до 100 км/час за 3,9 секунди. Максималната брзина на движење е ограничена електронски на 250 км/час.
Сите детали за моделот ќе станат познати на 15-ти септември. Тој ќе биде достапен за нарачки на крајот на оваа година, а првите испораки на клиенти ќе бидат реализирани во пролетта 2016-та година.