Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сѐ уште не прифати да учествува во новиот пакет помош за Грција, бидејќи првин сака да види дали Атина ќе ги спроведе бараните реформи. Сепак, шефицата на ММФ, Кристин Лагард сигнализира дека е можен компромис.
ММФ од 2010 година учествуваше во разни акции за спасување на презадолжените членки на европската монетарна унија, но наеднаш стана воздржан.
Околу своето учество во третиот пакет помош за Грција ММФ сака да се изјасни дури на есен, по првите оцени за спроведување на реформите кои кредиторите ги бараат од Атина.
Со кредитен волумен од 25 милијарди долари Грција моментно е најголем муштерија на ММФ.
Лагард на 14 август рече дека за способноста на Грција да ги отплатува долговите одлучувачки ќе биде нејзините европски партнери да се обврзат на сигнификантно проштевање на долгот кој значително го надминува досегашниот волумен.
Но, во интервју за швајцарскиот весник Le Temps, Лагард наведе дека ММФ не разговара за проштевање на долгот, туку за продолжување на рокот за отплата на кредитот, намалување на каматите и одлагање на плаќањето.
Таа појасни дека ваквото реструктуирање на задолжувањето би било доволно Грците да завладеат со своите долгови.