Водечките европски берзански индекси пораснаа денес по намалувањето на загриженоста во врска со ситуацијата во Кина, по синоќешниот раст на акциите на Волстрит и Азија.
Глобалните акции добија поддршка и во вид на изјави од претставниците на американската Управа на федерални резерви (Fed) дека економската криза во Кина ги ослабила аргументите за пораст на каматните стапки во САД во септември, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Лондонскиот индекс FTSE 100, по отварањето на берзата порасна за 2.12 проценти на 6.106.70 поени, франкуртскиот DAХ 30 за 2.75 проценти на 10.272 поени, а парискиот САС 40 за 2.45 отсто на 4.611.10 поени.
Азијската берза денес обележа раст на акциите по повеќе турбулентни денови, но трговците предупредуваат дека турболенциите не се сеуште завршени. Шангајскиот индекс скокна за 5.34 проценти по петте најлоши денови во последниве две децении, хонгконгшкиот индекс порасна за 3.6 проценти, токијскиот за 1.08, сиднејскиот за 1.17 проценти, а сеулскиот за 0.73 проценти.
На Волстрит е прекинат шестдневниот тренд на пад на акциите, за што шефот на „Fed“ на њујоршката филијала, Вилијам Дадли изјави дека има се помалку аргументи за покачување на каматите во септември.
„Забавувањето во Кина би можело да доведе до бавно темпо на глобалниот раст и до слабеење на побарувачката на американската економија“, истакна тој.
Во Нујорк индексот S&P 500 напредуваше за 3.90 проценти, индустрискиот Dоw Jonеs за 3.95 проценти, а технолошкиот Nasdaq за 4.24 отсто.
Загриженоста дека САД следниот месец ќе ги покачи каматните стапки создаваше притисок на светските пазари, и онака веќе нервозни од забавувањето на растот на кинеската економија која сочинува околу 13 проценти од светската економија.