3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит најголем скок на цените во четири години

На Волстрит најголем скок на цените во четири години

wallstreet 003

По шест дена пад, на Волстрит во средата цените на акциите го забележаа најголемиот дневен скок во последните четири години, бидејќи можноста да биде одложено зголемувањето на каматите на американската централна банка ги одложи и стравувањата за последиците од слабеењето на кинеската економија.

Индексот Dow Jones скокна за 3,95 отсто, на 16.285 поени, индексот S&P 500, пак, порасна за 3,90 проценти, на 1.940 поени, а индексот Nasdaq додаде 4,24 отсто, на 4.697 индексни поени.

Во средата индексот S&P 500 скокна за најголемата стапка од ноември 2011-та година, а на вредност добија сите десет сектори на овој индекс. Најмногу, за 5,3 отсто, зајакна технолошкиот сектор, бидејќи цените на акциите на Apple, Goggle и Amazon пораснаа меѓу 5,7 и 7,7 отсто. Овој сектор, како впрочем и другите, последните денови беше под силен притисок поради забавувањето на растот на кинеската економија, што би можело да го забави растот на целата светска економија, а тоа би предизвикало, од своја страна, пад на приходите и на добивките на компаниите.

Дека слабеењето на кинеската економија, што предизвика поместувања на глобалните финансиски пазари, би можело да влијае и врз американската монетарна политика, индиректно во средата го потврди директорот на филијалата на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) во Њујорк, Вилијам Дадли, велејќи дека можностите за зголемување на каматите на банката веќе во септември се помали отколку што беа пред една седмица. Веројатноста дека Fed, барем до крајот на годинава, а можеби и до почетокот на наредната, ќе ја задржи ниската цена на парите, го поттикнаа пазарот кој веќе се години зависи од рекордно ниските каматни стапки.

Вложувачите беа охрабрени и од добрите американски економски показатели. Нарачките за трајните производи во јули неочекувано пораснала за 2 отсто, додека аналитичарите проценуваа дека ќе паднат за 4 проценти. Тоа покажува дека американската економија засега е отпорна на забавувањето на растот на кинеската економија, втората по големина светска економија.

Растот на цените дојде и благодарејќи и на процената на инвеститорите дека во последните шест дена цените на акциите премногу паднале, па сега е поволна можноста за купување. Во шестте дена до вторникот, индексот Dow Jones потона за 10,7, а индексот Nasdaq за 11,5 отсто. Во истиот период остро падна и индексот S&P 500, па сега во однос на почетокот на годинава е во минус од 5,8 проценти.

И покрај вчерашниот силен скок на цените на акциите, аналитичарите не се убедени дека се случил пресврт на пазарите. „Секако дека е позитивно кога пазарот вака ќе отскокне. Меѓутоа, не знам дали го допревме дното и не сум сигурен дали следните денови нема да има нов пад на цените. Не може преку ноќ од екстремна нестабилност да се дојде до потполно мирно тргување“, вели за Reuters Том Менинг, директор во фондот „Boston Private Wealth“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП