24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦипрас поднесе оставка, кој ќе ги спроведува радикалните реформи?

Ципрас поднесе оставка, кој ќе ги спроведува радикалните реформи?

alexis

Грчкиот премиер Алексис Ципрас поднесе во четвртокот оставка надевајќи се дека ќе ја зацврсти својата власт на  предвремени парламентарни  избори по седум месеци од мандатот освоен исто така на предвремените избори во кои се бореше со грчките доверители за подобар договор за спасување на презадолжената Грција, но на крајот, сепак, попушти отстапувајќи од предизборните ветувања кои го донесоа на власт.

До завршувањето на изборите, владата на Грција, според уставните одредби , ќе ја води претседателката на Ареопагот (Врховниот суд), Василики Тану-Христофилу, што воопшто ќе биде првпат во историјата на Грција која и да е влада да ја води жена.

Премиерот Алексис Ципрас му ја предаде својата оставка на претседателот Прокопис Павлопулос и го замоли да го одреди најраниот можен датум за одржување на изборите.

Иако, тоа не го спомена Ципрас, владини функционери ги брифираа  грчките медиуми дека неговата цел е предвремените избори да се одржат на 20-ти септември, во периодот кога тој ќе се обиде да го задуши бунтот во неговата коалиција на радикалната левица Сириза и да обезбеди поддршка од јавноста за програмата за надворешна финансиска помош за Грција која тој ја договори, трета за земјата од 2010 година во вкупна вредност која надмина 320 милијарди евра,  и која овојпат на Атина ѝ овозможи да го избегне банкротот во последен момент, а со тоа и да излезе од еврозоната.

„Му ја предадов на претседателот својата оставка и оставката на целата влада. Политичкиот мандат од изборите на 25-ти јануари дојде до своите граници и сега грчкиот народ мора да го искаже своето мислење“, рече Ципрас во телевизиското обраќање.

Истакна дека народот треба да реши „кој ќе ги води преговорите за отпишување на државниот долг, кој ќе ги спроведува радикалните реформи“.

„Притисокот, уцените, финансиското задушување и ултиматумите доведоа до ситуација без преседан во Грција. Општеството сака да се измени. Не ги постигнавме нашите цели и договорот кој го посакувавме. Меѓутоа, го постигнавме најдобриот можен договор. Тој договор мора да се почитува“, рече Ципрас.

Според него, кабинетот сака да добие јасен мандат од народот и стабилна влада. „Со вашиот глас, сакаме да биде одлучено кој и како може да ја води Грција на тешкиот пат кој дава надеж“, порача Ципрас.

Соочен со речиси крах на грчкиот финансиски систем кој се закани и на иднината на Грција во еврозоната, Ципрас мораше да ги прифати барањата на кредиторите за повеќе штедење и економски реформи, токму политиките против коишто вети дека ќе се бори и ќе ги укине што му овозможи во јануари надмоќна победа над со децении етаблираните на грчката политичка сцена партии.

„Сакам да бидам искрен пред вас. Не го постигнавме договорот кој го очекувавме пред јануарските избори. Чувствувам длабока етичка и политичка одговорноста да го изложам на вашето расудување сето она што го сторив, успесите и неуспесите“, им се обрати Ципрас на Грците.

Неговата одлука уште еднаш да ја провери довербата кај избирачите, ја продлабочува политичката неизвесност на самиот ден кога Грција почна да ги прима парите според програмата за спасување договорена со надворешните кредитори во износ од 86 милијарди евра во следните три години.

Предвремените парламентарни избори би требало да му овозможат на Ципрас да ја потврди својата популарност кај грчките избирачи, пред најострите делови од програмата да започнат да дејствуваат, се очекува веќе во октомври, и би можеле да му овозможат да се врати на власт со зацврстена позиција, без бунтовниците против новата програма за помош во Сириза, кои би го оптоварувале.

Ципрас мораше да се согласи на болните кастрења во државниот сектор, меѓу кои се и далекусежните реформи на пензискиот систем, реформите во здравствениот систем, зголемување на некои даноци и приватизацијата, во замена за пакетот помош кој ја задржа Грција во монетарната унија.

Веќе подолго време наназад се очекуваше Ципрас да побара предвремени избори оваа есен. Меѓутоа, сега е принуден да дејствува брзо, откако претходно седмицава речиси третина од пратениците на Сириза во парламентот одбија да ја поддржат програмата за помош со што му го ускратија парламентарното мнозинство. Бројот на пратениците од неговата коалиција кои го поддржаа договорот со меѓународните доверители, падна на 118, под прагот од 120 пратеници колку што е потребно за малцинска влада.

Грчкиот устав има посебни одредби за одржување на изборите на помалку од 12 месеци од претходните, според кои претседателот мора прво да ги консултира другите големи партии за да види дали тие можат да формираат влада, што во овој момент е речиси невозможно. Имено по оставката на поранешниот премиер Антонис Самарас, конзервативната Нова демократија сé уште нема лидер и во моментов ја води поранешниот спикер на парламентот Вангелис Мејимаракис. Уште посложена е ситуацијата кај социјалистичкиот Пасок, кој неодамна го смени челникот, но изгуби многу на популарноста.

Ципрас уште е популарен меѓу своите приврзаници, бидејќи, како што сметаат, барем се обидел да им се спротистави на доверителите, а со опозицијата којашто е во хаос, се очекува тој да се врати на власт.

Според истражувањето на јавното мнение на агенцијата Metron Analysis од 24-ти јули, поддршката за Сириза изнесува 33,6 отсто, и е далеку најпопуларната партија, но недоволно да владее самата без коалициски партнери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП