17 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМВР поднесе кривична пријава против првиот човек на „Макпетрол“

МВР поднесе кривична пријава против првиот човек на „Макпетрол“

makpetro 3030222

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против првиот човек на нафтената компанија „Макпетрол“, Андреја Јосифовски и за уште 20 други лица, членови на Управен одбор, членови на Надзорен одбор, одговорни во Централниот регистер, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии, кои се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Полицијата ги сомничи за незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво „Макпетрол“ во командитното друштво со акции „Оилко“.

Првоосомничениот, Јосифовски, кој се јавува во својство на претседател на Управен одбор во „Макетрол“ и комплементар и управител во командитно друштво со акции за транспорт „Оилко“ Скопје, второосомничениот С.Л.(60), како член на Управен одбор и комплементар и управител во „Оилко“, заедно со останатите осомничени, искористувајќи ја службената положба и овластување нанеле штета на акционерите на „Макпетрол“ во износ од 375 милиони денари(околу 6,1 милиони евра), притоа овозможувајќи им на комплементарите да се стекнат со право да располагаат и одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во „Макпетрол“ во износ од 19.95 отсто, а пак на командиторите да се стекнат со капитална добивка во вкупен износ од 304.193.176 денари.

Членови на Управен одбор, во втората половина на 2006 година, спротивно на законот за трговски друштва без да има било каква одлука на собранието на акционери на „Макпетрол“ за утврдување на интересот на друштвото за вложување во идното друштво „Оилко“, самоиницијативно и нетранспарентно преземаат повеќе активности, како подготовка за основање на „Оилко“, со цел прикривање на вистинската намера и нивните лични интереси од основањето на „Оилко“.

Притоа подготвиле противзаконска и штетна (за останатите акционери на  Макпетрол АД),  „Предлог одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, а всушност станува збор за Договор за основање на ново друштво во кое што „Макпетрол “ е странка. Истата таа одлука, која е незаконска, подоцна е донесена на Собранието на акционери на „Макпетрол“, кои биле нецелосно и неправилно информирани.

„Одлуката е незаконска, бидејќи сопствените акции на „Макпетрол“, вложени во „Оилко“ немаат имотна вредност и не претставуваат имот, па следствено на тоа не може да претставуваат влог во основна главнина. Освен тоа, одлуката истовремено не била во интерес на сите акционери, бидејќи со вложувањето на сопствените акции на „Макпетрол“ во „Оилко“ правата од истите кои согласно чл. 338 од ЗТД дотогаш мируваа, со вложувањето се активираат и пренесуваат на новиот сопственик „Оилко“ т.е на двајцата комплементари“, пишува во соопштението на МВР.

Исто така, двајцата првоосомничени, како комплементари-управители на „Оилко“, во периодот од 18.01.- 23.01.2007 постапиле спротивно на Закон за хартии од вредност, на начин што не превзеле дејствија, „Оилко“ во законски предвидениот рок да достават до Комисија за хартии од вредност „Првичен извештај за сопственост на акционер“, во врска со стекнувањето со акциите од издавачот „Макпетрол“, како друштво со посебни обврски за известување.

Пријавените се товарат дека горенаведените извештаи не ги доставиле до КХВ и до „Макпетрол“, со намера да го прикријат правниот основ за вршењето на недозоволениот нетрговски пренос, односно Договорот за основањето на „Оилко“, при што иако со самото недоставување на извештаите согласно чл.166 ст.6 од ЗХВ, го губат правото на глас од акциите, пријавените како одговорни лица на „Оилко“ во наредниот период континуирано го користеле правото на глас од стекнатите акции.

Пријавените членови на Надзорен одбор на „Макпетрол“, во втората половина на 2006 година, иако биле должни да извршат надзор и да преземат мерки за спречување во намерата на членовите на Управниот одбор незаконитата и штетна предлог одлука да се стави на дневен ред на 9-тото Собрание, тоа не го сториле, туку и тие самите со донесување на заклучок и потпишување на известување дека се заинтересирана страна, му предложиле на Управниот одбор да свика седница на Собрание на акционери со што придонеле противзаконита и штетна „Предлог одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, да се најде на дневен ред.

Со тоа членовите на Надзорен одбор овозможиле сопствените трезорски акции на „Макпетрол“ да бидат искористени како непаричен влог во основањето на „Оилко“. Исто така на 15-та Седница на Надзорен одбор донеле повеќе одлуки за давање на одобрение на членови на Управен одбор на „Макпетрол“ да бидат комплементари и управители во „Оилко“ – командитно друштво со акции. Притоа на овој начин пријавените се стекнале со капитална добивка во вкупен износ од околу 5 милиони евра, а пак на двајцата првоосомничени им овозможиле да се стекнат со управувачки права како комплементари во „Оилко“, а притоа нанеле значителна штета на останатите акционери на „Макпетрол АД“ за проценетата вредност на вложените сопствени трезорски акции на „Макпетрол АД“ во вкупен износ од преку 6 милиони евра.

Пријавениот овластен регистратор во Централниот регистар се товари дека не проверил дали  влогот што се вложува има имотна вредност, дали може да се процени и изрази во пари, и не го зел предвид фактот дека акциите кои што се вложуваат не претставуваат влог во ствари, туку се вложуваат „правата од акциите“ кои не можат ниту да се проценат ниту да се изразат во пари. Исто така, не ја зел во предвид одредбата од чл.338 од ЗТД, според која правата од сопствените акции мируваат, па следствено на тоа неможат да се вложуваат.

Пријавениот Директор на Централен депозитар за хартии од вредност на 18.01.2007 година, постапувајки по предметот „Барање за пренос на обични акции издадени од „Макпетрол “, иако знаел или требало да знае дека наведениот правен основ и доставена документација во применото барање не претставува законски правен основ за вршење на нетрговски пренос, издал усен налог на лице распоредено на работно место „оператор на сметка“, да го спроведе предметното барање како нетрговски пренос, по што предметот бил заведен во Деловодникот како завршен.

Пријавената претседателка на комисијата за хартии од вредност не превземала мерки и активности кои се во нејзина надлежност за спречување на незаконскиот пренос на обичните акции издадени од „Макпетрол“.

По формирањето на „Оилко“, меѓу фирмата „мајка“ „Макпетрол“ и фирмата ќерка „Оилко“ се склучени поголем број договори од кои според годишните биласни, целиот профит оди на страната на „Оилко“, додека „Макпетрол“ бележи загуби.

Имено, при извршената анализа утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година Макпетрол АД, Скопје работи со добивка и oстварило нето добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а пак за период од 2007 до 2014 година „Макпетрол АД“ – Скопје остварува нето загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари.

„Оилко“, во овој период работи со добивка и остварува нето добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари што претставува сомнеж дека средствата од „Макпетрол АД-Скопје“ се слеваат на сметка на „Оилко“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП