10 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБарселона по петти пат освојувач на Суперкупот на УЕФА

Барселона по петти пат освојувач на Суперкупот на УЕФА

win-barcelona

Фудбалерите на Барселона по петти пат, со што се изедначија со Милан, го освоија европскиот Суперкуп совладувајќи ја во грузиската престолнина Тбилиси екипата на Севиља дури по продолжение со 5-4, и покрај убедливото водство што го имаа на почетокот од второто полувреме (4-1).

Головите за Барселона ги постигнаа Лео Меси во 7 и 15 минута, Рафиња во 44, Луис Суарез во 52 и Педро Родригез во 115 минута, додека за Севиља прецизни беа Еван Бенега во 3, Хозе Антонио Рејес во 57 Кевин Гамеиро во 72 од пенал и Јевгениј Конопљанка во 81.

Тоа беше натпревар кој по многу нешта ќе влезе во аналите на Суперкупот во организација на УЕФА, во кој Барселона дојде до првата титула во сезоната, победувајќи дури во продолжението иако веќе во 52 минута имаа водство од 4-1. Најверојатно ова ќе биде прогласен за најатрактивниот меч на Суперкупот во историјата, со четири на полувремето (3-1) и осум на крајот од регуларниот дел (4-4), во кој во првите 15 минути беа постигнати три гола сите од слободен удар, па и последниот беше постигнат по изведување на слободен удар.

Веќе во 3 минута Севиља го изненади големиот фаворит, откако Аргентинецот Банега од слободен удар откосо постигна убав гол, што е воедно и најбрзиот постигнат погодок во европскиот Суперкуп. Но веќе во 7 минута на речиси идентичен начин од слободен удар откосо со лева нога Лионел Меси го изедначи резултатот, а во 15 минута од 20-ина метри повторно од слободен удар го погоди аголот од голот на Севиља. Во 44 минута Барса веќе водеше со 3-1, по долгата акција во која Суарез прво сам изби пред голманот Бето кој го одбрани неговиот шут, меѓутоа Уругваецот прифаќајќи ја топката прекрасно го проигра Рафња во противничкиот петерец кој низ нозе на Бето ја погоди мрежата.

Суарез сепак се впиша во листата на стрелците откако одбраната на Севиља пред својот шеснаесетник му подари една топка на Бускетс кој го проигра осамениот Уругваец кој егзекутираше за 4-1. Во тој момент се чинеше дека победникот е решен и оти Каталонците ќе ја постигнат можеби најголемата победа во ова натпреварување. Меѓутоа, се случи драматичен пресврт, бидејќи играчите на Барса како да застанаа, особено откако од игра поради повреда излезе капитенот Иниеста, одбрана правеше несфатливи грешки, а замените што ги направи Луис Енрике не го дадоа резултатот кој тој го посакуваше.

Во 59 минута несфатливо оставениот сам Рејес намалува за Севиља по нафрлувањето на Витло, а во 71 минута Гамеиро од пенал веќе создава реални шанси за пресврт на Андалузијците. На девет минути пред крајот во акцијата на двете засилувања Имобиле и Конопљанка, Севиља го израмни резултатот на 4-4 и мечот отиде во продолжувања.

Во продолжението до 115 минута не беше создадена ниедна шанса за постигнување погодок. Тогаш беше досуден слободен удар пред шеснаесетникот на Севиља, Меси шутираше во живиот ѕид но одбиената топка ја протури низ мноштвото нозе а голманот Бето со крајни напори одбрани, но натрча Педро кој ја закова топката за 5-4. До крајот одбраната на Барселона продолжи со конфузијата во маркирањето на противничките играчи во сопствениот казнен простор, но недостигот од концентрација на Коке и бекот Адил Рами во последните секунд од мечот спречи финалето да добие пенал завршница.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП