Германија, која зазеде остар став кон Грција, успеа да профитира од должничката криза и да заработи 100 милијарди евра, покажуваат резултатите од истражувањето на германскиот институт за економски студии Leibitz.
Наведената сума претставува износ кој Германија го заштедила врз основа на пониските камати на хартии од вредност кои владата во Берлин ги емитуваше во време кога беа многу барани, бидејќи странските инвеститори ги сметаа за сигурно прибежиште, се вели во студијата.
„Ваквата заштеда е поголема од трошоците од кризата во Грција. Германија очигледно имала полза од грчката криза“, се наведува во истражувањето на приватниот, непрофитен институт и се додава дека инвеститорите секогаш кога се соочени со криза традиционално се вртат кон сигурно прибежиште за нивните пари.
„Секогаш кога финансиските пазари во изминатите години се соочуваа со лоши вести од Грција, каматните стапки на обврзниците на германската влада паѓаа, а секој пат кога беше објавувана добра вест приносите растеа“, се додава во истражувањето.
Во студијата се наведува и дека обврзниците на други држави, како САД, Франција и Холандија, имале корист од грчката криза, но во значително помал обем.
Германија инсистираше на фискална дисциплина и на построги економски реформи во Грција во замена за доделување на дополнителна помош од страна на меѓународните кредитори.