Преговорите помеѓу Грција и нејзините кредитори за новиот пакет на финансиска помош влегоа во завршна фаза и договорот би можел да биде постигнат во наредните 48 часа, соопштија синоќа во Атина извори блиски до преговарачките тимови.
Разговорите се во завршна фаза, изјави во саботата грчкиот министер за економија Јоргос Статакис пред продолжувањето на преговорите денеска попладне во Атина.
Грчките министри за финансии и економија Еуклид Цакалотос и Јоргос Статакис ги продолжија преговорите со претставниците на Европската централна банка (ECB), Mеѓународниот монетарен фонд (MMF) и Европскиот механизам за стабилност (ESM).
„Преговорите добро напредуваат и би можеле да бидат завршени во вторник“, изјави за „Франс Прес“ извор близок до Европската унија и додаде дека моментално се разговара за приоритетните акции кои грчката влада треба да ги превземе.
Текстот од договорот, кога ќе биде постигнат би требало да го усвои грчкиот парламент по што ќе биде претставен на министрите од еврозоната.
Преговорите се однесуваат на третиот пакет помош во вредност од околу 85 милијарди евра во следните три години. Се очекува дека таа помош би можела да биде одобрена до 20-ти август.