20 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИРезултати од работењето на Македонски Телеком за првото полугодие од 2015-та година

Резултати од работењето на Македонски Телеком за првото полугодие од 2015-та година

telekom 2

Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент во првото полугодие од 2015-та година и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

По присоединувањето на Т-Мобиле Македонија кон Македонски Телеком, а согласно Спогодбата за присоединување и Анексот кон истата, од 1-ви јануари 2015-та година сметководствената евиденција ја води само Македонски Телеком.

Приходите од продажба во првото полугодие од 2015-та година изнесуваат 5.035 милиони денари, што претставува намалување од 5,8 отсто во споредба со истиот период од 2014-та година.

Добивката од редовното работење пред оданочување на крајот од првото полугодие од 2015-та година изнесува 631 милион денари и е намалена за 10,4 отсто споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите делумно компензирани од помалите трошоци. Вкупната нето добивка на крајот од првото полугодие од 2015-та година изнесуваат 548 милиони денари. Капиталните инвестиции на крајот од првото полугодие се во висина од  367 милиони денари.

Македонски Телеком на крајот од првото полугодие од 2015-та, ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 отсто. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 17 отсто споредено со истиот период од 2014-та година, со бројката од 229 илјади корисници Македонски Телеком е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првото полугодие од 2015-та година се зголемени за 3,4 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Базата на DSL корисници на крајот од првото полугодие од 2015-та година остана стабилна во споредба со истиот период од 2014-та година и изнесува 189,4 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 49,8 отсто, според интерните податоци.

Македонски Телеком оствари добри резултати со дигиталната телевизија. Бројот на корисници постојано се зголемува, што резултираше со база од 99,6 илјади корисници на IPTV на крајот од првото полугодие од 2015-та година или зголемување од 4,6 отсто во споредба со истиот период од 2014-та година. Со тоа Македонски Телеком ја задржа водечка позиција на ТВ пазарот достигнувајќи 23,3 осто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има водечка позиција  на пазарот со удел од 46,7 отстo согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првото полугодие од 2015-та година изнесува 1.180 илјади претплатници и е зголемена за 1,2 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.166 илјади претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првото полугодие од 2015-та година се намалени за 12,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и зголемената конкуренција, просечниот приход по корисник е намален за 8,3 отсто во споредба со истиот период од 2014-та година.

Приходите од неговорни услуги се зголемија за 11,2 отсто во споредба со истиот период од 2014-та година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП