Facebook во вториот квартал од годината остари чиста добивка од 719 милиони долари, 9 отсто помалку во однос на истиот период лани, додека приходите пораснаа за 39 отсто, бидејќи се зголеми бројот на корисници на социјалната мрежа.
Вкупните приходи на најголемата социјална мрежа на светот во вториот квартал достигнаа 4,04 милијарди долари, додека во истиот период лани изнесуваа 2,9 милијарди долари.
Притоа приходите од огласување, кои сочинуваат најголем дел од приходите на Facebook, пораснаа за 43 отсто на 3,8 милијарди долари. Најмногу пораснаа приходите од огласување на мобилни телефони, па сега сочинуваат околу 76 отсто од вкупните приходи од огласување, додека пред една година изнесуваа 62 отсто.
Најголемата глобална социјална мрежа на крајот на вториот квартал имаше 1,49 милијарди корисници ширум светот, 13 отсто повеќе во однос на претходната година. Произлегува дека околу половината од вкупниот број на корисници на интернет, кој се проценува на околу три милијарди, користат Facebook.
Притоа 1,3 милијарди имаат пристап преку паметни телефони или други мобилни уреди, што е 23 отсто повеќе во споредба со претходната година.
Зголемен е и бројот на корисници кои секојдневно ги користат услугите на Facebook, за 17 отсто, на 968 милиони.
Иако основачот и извршниот директор на Facebook, Марк Цукерберг во деловниот извештај порача дека кварталните резултати се силни, а и растот на приходите ги надмина очекувањата на аналитичарите, цената на Facebook падна во средата на Волстрит за над 3 отсто.
Ова се должи на силниот раст на трошоците на компанијата. Оперативните трошоци пораснаа во вториот квартал за 82 отсто на годишно ниво, на 2,77 милијарди долари.
Раководството на компанијата порача дека причина за тоа е инвестирањето во развој на нови услуги, како што се Messenger, WhatsApp и Oculus. Воедно се порачува дека растот на трошоците во следниот период ќе забави на 55 до 60 отсто на годишно ниво, од над 80 отсто забележани во вториот квартал.