Најнови вести од светот 20.03.2013
Париз – Организацијата за европска соработка и развој ОЕЦД ја намали својата прогноза за стопанскиот раст во Франција за 2013 година, од 0,3 на 0,1 отсто. Невработеноста ќе продолжи да расте, а јавниот дефицит ќе достигне 3,5 отсто од БДП. По прогресивниот раст, невработеноста ќе продолжи да расте во следните месеци, сметаат експертите на ОЕЦД и ќе се стабилизира на крајот на 2013 година на околу 11,25 отсто од работно активното население, пренесува францускиот весник Нувел опсерватер.
Париз – Француските власти најдоа 57 тони мелено јагнешко месо кое не ги задоволува европските стандарди во фабрика на компанијата Спангеро, која е во центар на скандалот поврзан со продажбата на коњско место како говедско. Оваа француска компанија претходно предизвика скандал во европскиот прехранбен ланец, поради означување на 750 тони коњско месо како говедско, а потоа на таа компанија и е одземена санитарната дозвола.
Москва – Аркадиј Ротенберг, пријател од детството и поранешен џудо партнер на претседателот на Русија Владимир Путин, носител на црн појас во тој боречки спорт, веќе има корист од Зимските олимписки игри во Сочи идната година, кои најверојатно ќе бидат најскапи до сега. Компанијата на Ротенберг добија работа вредна најмалку 227 милијарди рубљи (7,4 милијарди долари) за Олимписките игри во Сочи во 2014 година, покажуваат корпоративните и владини податоци.
Берлин – Германскиот производител на автомобили БМВ објави дека очекува стагнација на бруто профитот оваа година, но и зголемен приход од продажбата. – Покрај растот на трошоците за работа во врска со развонот на новите технологии и новите модели, како и инвестициите во производствената мрежа, предвидуваме дека бруто профитот (профитот пред даночењето) ќе остане на нивото од 2012 година изјави директорот на компанијата Норберт Рејтофер.
Белград – Во првите два месеца на тековната година, пазарот на цигари во Србија, во однос на истиот период во 2012 година падна за дури 20 отсто, изјавено е на конференција за новинари на Фабриката за тутун Ровињ ТДР. – Во Србија акцизното оптоварување за само три години порасна над 100 отсто, со очекуван понатамошен раст. Покрај драстичното зголемување и растечката економска криза, пазарот на цигари во Србија лани падна за над 6 отсто, додека во ЕУ таквиот пад е на 2 до 3 отсто – изјави претседателот на Управата на ТДР Давор Томашковиќ.
Мадрид – Шпанија на денешната аукција на обврзници собра 4 милијарди евра, по значително пониски каматни стапки, што укажува на враќање на довербата на инвеститорите во шпанското стопанство. Шпанскиот трезор на аукција на 3 и 9 месечни должнички хартии собра 4 милијарди евра, со значително пониски каматни стапки во однос на последната слична аукција од 19 февруари.
Берлин – Довербата на инвеститорите во Германија порасна во март на 3 годишен максимум, а аналитичарите веруваат дека перспективите за водечката европска економија и понатаму се позитивни, покажуваат резултатите од истражувањето. Индексот на довербата на инвеститорите, кој го пресметува германскиот економски Институт ЗЕВ, порасна во март на 48,5 поени од февруарските 48,2 поени, што е највисоко ниво од април 2010 година.
Париз – Продажбата на персонални компјутери во светот, веќе е загрозена од таблетите и паметните телефони и падна повеќе од предвиденото, пред се поради слабоста на кинескиот пазар, објави меѓународниот Центар за маркетиншки истражувања и информатичко-комуникациска технологија ИДЦ: Мерките на кинеската влада воведени за лимитирање на потрошувачката за време на кинеската Нова година и буџетските резови влијаеа на падот на испораките на компјутери во Кина во февруари оваа година, се наведува во соопштението на ИДЦ кое го пренесе францускиот весник Капитал.
Берлин – Извршните директори на 30 најголеми германски компании лани во просек однесоа дома 5,3 милиони евра, т.е. 3 отсто повеќе во однос на 2011 година, што е и понатаму под европскиот просек, покажа истражувањето на консултантската куќа Тауерс Вотсон. Според годишните извештаи 23 од 30 германски компании кои учествуваат во основање на берзанскиот индекс ДАКС, платите на извршните директори лани варирале од 2,1 милион евра, колку што прима шефот на Луфтханза Кристијан Франц, до 14,5 милиони, колку што изнесува годишната плата на директорот на Фолксваген Мартин Винтеркорн, наведува Тауерс Вотсон.
Брисел – Лидерите на ЕУ надминаа голема пречка на патот кон воспоставување на целосна банкарска унија, наменета за стабилизација на финансискиот сектор на еврозоната. Законодавците на Европскиот парламент, Европската комисија и претставниците на владите на земјите членки (Европскиот совет) постигнаа договор за закони за основање на централизирана банкарска супервизија. Европските лидери лани договорија основање на заеднички банкарски надзор, под раководство на Европската централна банка, кој е основа за покренување на заедничка шема за осигурување на депозити и основање на тело овластено да ги изгаси или да ги спаси паднатите финансиски институции.
Москва – Русија и Кина разгледуваат можност за дополнителни испораки на руска нафта, преку нафтоводот Источен Сибир – Тихи океан и транзитно преку Казахсан, рече за новинарите потпретседателот на Русија Аркадиј Дворкович. Тој објасни дека се работи за извесно зголемување на испораките на нафта, но не прецизираше колку. Дворкович потенцира дека завршните договори за условите и обемот на дополнителните испораки на нафта ќе бидат постигнати во текот на средбата на лидерите на Русија и Кина кон крајот на оваа недела.
Москва – Компанијата Касперски Лаб објави дека е прогласена за лидер во изработка на ендпоинт сигурносни решенија за 2012 година во најновата анализа на компанијата МаркетСкејп на ИДЦ, која го покрива западноевропскиот пазар. Компанијата ИДЦ, како најдобри решенија во изработката на софтверски решенија на компанијата Касперски Лаб за заштита на податоци го издвои нивниот акцент на ендпоинт сигурносни решенија, високо развиени можности за подесување, постојана поддршка за сите видови на ендпоинт уреди, високо специјализирана организација која овозможува брз одговор на ново откриени вируси и малваре – малициозен софтвер, цела низа можности за контрола и енкрипција на податоци, како и флексибилна стратегија за формирање на цени.
Њујорк – Американскиот експерт за реформи на долговите Ли Бухајт го советуваше Кипар големите банкарски депозити да ги претвори во орочени, временски депозити, за да ја спречи кризата и масовното повлекување на пари од банките кога ќе бидат отворени. Бухајт, кој ја советуваше Грција во текот на преговорите за кредитот за помош, рече дека предлогот за даночење на кипарскиот депозит носи многу ризици и неправедно ги фаворизира сопствениците на обврзници. Експертот наведува дека Кипар покрај предложената алтернатива ги испочитува гаранциите за депозитите во ЕУ и го спречи одливот на пари од банките. Наместо даночење, а потоа дозвола парите да се повлечат, Никозија претходно треба депозитите да ги претвори во орочени депозити на 5 или 10 години, со што потребите за финансирање во идните три години би биле намалени за 6,6 милијарди евра. Така парите би останале во банките повеќе години, рече Бухајт, кој освен на Грција, во реформи на долговите помагал и на Аргентина, Ирак и Исланд.
Лондон – Британската фармацевстка компанија Астра Зенека, планира да укине 1.600 работни места во рамки на реорганизација на истражувачки активности, пренесе Блумберг. Компанијата ќе се концентрира на истражувачка дејност во Кембриџ, во американската држава Мериленд и во шведскиот Молндал. Освен тоа, ќе ја преселат својата управа од Лондон во Кембриџ, каде ќе изгради нова зграда вредна 500 милиони долари.
Москва – Изи џет од Лондон до Москва ќе превезува 300.000 патници. Британскиот ниско буџетен авионски превозник Изи џет има намера да превезува 300.000 патници меѓу Велика Британија и Москва, соопшти директорката на компанијата Каролин Мекол на конференција за новинарите во Москва. Авионската компанија Изи џет покрена редовни секојдневни летови од Московскиот аеродром Домодедово на лондонскиот Гетвик. Како што е наведено во соопштението, на 15 април Изи џет отвара втора линија до Лондон од Домодедово, а до крајот на март ќе стартува линијата Манчестер-Москва-Манчестер. Таа линија ќе биде единствена за московскиот јазол и прв во историјата директен лет меѓу тие два града. вз/9:27