Прескокнувајќи ги традиционалните автомобилски саеми, каде обично производителите ги покажуваат најновите модели, јапонскиот производител „Honda“, вчера го претстави својот нов модел „Accord“ во новоотворениот истражувачкиот центар во Силиконската долина.
Местото не беше случајно, бидејќи семејниот седан беше најпродаван модел во Калифорнија за изминатата година.
Новиот „Accord“ ќе е првиот модел на „Honda“, како и еден од првите во индустријата, кои ќе ги обезбедат услугите „Apple CarPlay“ и на „Google“ – „Android Auto“ во партнерство со двете технолошки компании.
Деветтата генерација на автомобилот главен акцент има на новите технологии. Во моделот е најголемиот 7.7-инчен екран кој овозможува контрола на звукот, пристап до камерата за задно гледање и страничните камери. Автомобилот располага со „LED“ светла, а според експертите новиот модел во поголема мера личи на луксузниот автомобил на компанијата „Acura“, отколку на традиционална „Honda“.
Моделот ќе се нуди во две верзии – седан и купе, а погорната класа ќе располага со 19-инчни алуминиумски тркала.
Моторите како целина се задржуваат без значајна промена во однос на претходните модели, па основната серија започнува со 2.4-литарски мотор. Компанијата ќе продолжи да го нуди и моделот со 3,5-литарски V-6 мотор.
Цената и останатите карактеристики на овој модел ќе бидат откриени подоцна во текот на годината.