Финансиските проблеми за „Samsung“ изгледа се продлабочуваат. Компанијата најави полоши резултати од очекуваните за вториот квартал на годината.
Корејскиот гигант го забележа седмиот последователен квартал во кое профитот се намалува. Компанијата објави дека очекува оперативен профит во износ од 6,1 милијарди долари, што е за 4% помалку во однос на истиот период од минатата година. Приходите пак се со цели 8,4% помалку.
Главната причина за падот е мобилниот бизнис на „Samsung“, кој не може да одговори на очекувањата. Во случајот, проблемот е погрешната проценка на компанијата за популарноста на предводниците „Galaxy S6“ и „S6 Edge“.
Првично во „Samsung“ очекувале еден на секои четири продадени смартфони „S6“ да е верзијата „Edge“. На крајот се покажало дека побарувачката на двата модела е речиси еднаква, но производствените линии не биле во согласност со тоа.
Сега „Samsung“ има вишок од „S6“ во магацините и недостиг на „S6 Edge“. Компанијата веќе ја смени конфигурацијата на фабриките и ќе може да произведува повеќе „Edge“ примероци, колку што пазарот сака. Во „Samsung“ се надеваат тоа ќе помогне за подобрување на резултатите во втората половина на годината.
Вкупно за втората четвртина од 2015-та година компанијата очекува меѓу 71 и 76 милиони смартфони. Двата предводници „S6“ и „S6 Edge“ запишуваат околу 20% од вкупниот број. „Samsung“ не дава посебна информација за презентација на различни бизниси, но навестува дека резултатите на бизнисот со полупроводници се повеќе од добри.