Инвестициската група М-6 засега не се огласи по информациите на српските медиуми дека наводно македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски ја закупил Белградската индустрија за пиво (БИП) за 50.000 евра месечно.
Агенцијата Макфакс се обиде да стапи во контакт со претставник на М-6 со цел да се проверат наводите на регионалните медиуми дека наводно македонскиот бизнисмен имал намера да инвестира 30 милиони евра во Србија, но засега оттаму нема коментар.
Информацијата дека Јаневски ја закупил БИП за 50.000 евра месечно српските медиуми ја базираат на тврдења на малите акционери на фабриката, според кои Надзорниот одбор усвоил предлог да се потпише договор со Друштвото за инженеринг и услуги „М-6 Еден доел“, кое Јаневски пред неколку денови го основал во Белград.
„Нашата фирма е дадена под закуп на претпријатие кое е регистрирано во Агенцијата за приватизација на 23-та јуни, со основачки капитал од 600.000 динари и со еден вработен“, вели Славко Поповиќ, еден од претставниците на малите акционери.
Според нив, новиот работовавец ќе задржел само 150 од вкупно 500 вработени.
БИП е на списокот од 43 претпријатија кои биле реконструирани и кои од 1-ви јуни државата веќе не ги штити од доверителите. Фирмата во моментот е во блокада, а акционерите се плашат дека наскоро ќе биде прогласен стечај и дека нивните акции ќе станат безвредни.