20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 18.03.2013

Љубљана – Словенечката фармацевстка компанија Крка Група оствари приходи од продажбата во висина од 1,143 милијарди евра, што е раст од 6,3 отсто во однос на 2011 година. Што се однесува до регионалната продажба Крка Група во 2012 година на пазарот на Централна Европа оствари приходи од 282,4 милиони евра (2 отсто), а на пазарот на Источна Европа 354,2 милиони евра (+24 отсто). На пазарите во Западна Европа и Прекуокеанските земи Крка Група реализирала приходи од 267,6 милиони евра (+5 отсто), на пазарот на Југоисточна Европа 148,1 милион евра (+1 отсто), а во Словенија 91,0 милион евра (11 отсто).

 

Истанбул – Турскиот холдинг Албајрак е заинтересиран за соработка со ФАП од Прибој и ИМТ од Белград, а сопствениците на таа компанија изразија желба тимовите составени од директори на овие две српски фирми да го посетат Истанбул и да ги запознаат домаќините со точниот биланс на работењето. Сопствениците на Албајрак, кој меѓу другото се бави со производство на трактори и камиони, за своите намери за идната соработка со ФАП и ИМТ го обавестија министерот без портфељ во Владата на Србија Сулејман Угљанин. Најголем интерес покажаа за купување на мотори и преден дел од трактор за да направат проторип на таа земјоделска машина, а потоа би ги купиле наведените делови за 3.000 нови трактори. Потенцираа дека уште чекаат одговор од ИМТ.

 

Прага – Чешката фабрика за камиони Татра продадена е на аукција за 176 милиони круни (7 милиони евра) на фирмата Трак дивелопмент, која во стопанскиот регистар е запишана пред само една недела. Вредноста на Татра е оценета на 1,76 милиони круни. Во понудите учествуваше само еден понудувач. – Компанијата ќе ја преземеме в понеделник или вторник. Не предвидуваме никакви откази и сакаме да го зачуваме производството во сегашниот обем,  рече претседателот на Управниот одбор на Трак дивелопмент Марек Галвас.

 

Мадрид – Јавниот долг на Шпанија достигна нов рекорд од 84,1 отсто од БДП на крајот на 2012 година, како поради растот на долгот на централната власт, така и поради зголемените долгови на 17 автономни региони, покажаа официјалните податоци во Мадрид. Јавниот долг, кој лани беше зголемен за 14,8 отсто, значајно е над лимитот на ЕУ од 60 отсто од БДП, но сепак е нешто понизок од владините прогнози од 85,3 отсто. Само во последниот квартал во 2012 година, долгот пораснал за 6,8 отсто.

 

Москва – Производството на злато во Русија оваа година ќе порасне за 3,5 отсто на годишно ниво, на 234 тони, рече претседателот на Сојузот на производители на злато Сергеј Кашуба. Со вадењето на рудата, ќе се произведат 208 тони злато, 4 отсто повеќе од 2012 година. Секундарното производство ќе достигне 26 тони, што одговара на ланското ниво. Според податоците на Сојузот на производители на злато кои ги наведе Кашуба, лани во Русија се произвеле 225,8 тони злато, што е раст од 6,8 отсто во однос на 2011 година.

 

Париз – Француската компанија Лерој Мерлин која го држи ланецот на супермаркети Направи сам, врз основ на деловните резултати во 2012 година, го презема европското лидерство во браншата од англиската фирма Кингфишер. Лани Лерој Мерлин ги зголеми приходите од продажбата за 8,2 отсто, на 14,9 милијарди евра, освојувајќи го на тој начин лидерското место во Европа и трето во свет, зад двете американски куќи Луис и Хоум Дипо, пишува францускиот весник Експрес. Присутна во 13 земји, компанијата Лерој Мерлин оствари 60 отсто од своите приходи во странство, од кои најголем дел во Бразил и Русија.

 

Москва – Нето профитот на рускиот производител на автомобили Автоваз, лани е намален 14,7 пати, на 211 милиони рубљи (5,27 милиони евра), во однос на 3,1 милијарди рубљи во 2011 година, соопшти компанијата. Приходите на компанијата пораснале за 5 отсто и достигнаа 183,22 милијарди рубљи, во споредба со 174,85 милијарди рубљи пред две години. Бруто добивката на Автоваз во 2012 година е намалена за 8,9 отсто, на 18,39 милијарди рубљи, од 20,19 милијарди пред една година.

 

Лисабон – На презадолжената Португалија и е одобрена дополнителна година да го намали јавниот дефицит, кој сега треба да го спушти под 3 отсто од БДП до 2015 година, рече министерот за финансии на Португалија Витор Гаспар. – Новиот лимит на дефицитот изнесува 5,5 отсто од БДП во 2013 година, 4 отсто во 2014 и 2,5 отсто во 2015 година – рече Гаспар, претставувајќи го кварталниот извештај за напредокот во реформите на кои Лисабон се согласи во замена за меѓународна финансиска помош. Целта на дефицитот веќе е намалена во септември на 4,5, 2,5 т.е. 2 отсто за оваа и следните 2 години.

 

Вашингтон – Директорката на ММФ Кристин Лагард ќе присуствува на состанокот на министри за финансии на еврозоната, на кој ќе се разговара за потенцијален пакет за помош на Кипар, изјави портпаролот на ММФ Бил Мареј. На прашањето дали ММФ ќе учествува во пакетот за спас за таа медитеранска земја. Мареј не сакаше да одговори, но истакна дека ММФ сака трајно решение за кипарската финансиска криза.

 

Отава – Канадскиот премиер Стивен Харпер изјави дека договорот за слободна трговија меѓу неговата земја и Европската унија може позитивно да влијае на идниот трговски договор меѓу ЕУ и Соединетите Американски Држави. Харпер рече дека е остварен значаен напредок за потпишување на договорот, но дека и понатаму преостанува решавање на важни прашања.

 

Париз – Повеќето Французи сметаат дека приоритет на француската влада и Европската унија мора да биде зголемување на стопанскиот раст, наместо ограничување на буџетскиот дефицит на 3 отсто од БДП, покажа најновата студија на Институтот ЈуГов (YouGov). Според оваа анкета, само 28 отсто граѓани на Франција ги поддржуваат напорите на Владата во поглед на намалување на дефицитот, додека 51 отсто даваат предност на стопанскиот раст, а 21 отсто испитаници не сакале да се изјаснат по ова прашање, пренесува францускиот весник Паризијен.

 

Рим – Италијанската централна банка ги повика комерцијалните банки кои лани забележале загуби да се воздржат од исплата на дивиденди на акционерите и да ги ограничат бонусите. – Рецесијата и неизвесноста во поглед на шансите за зајакнување бараат дополнителни напори на банките, кои мораат да го зајакнат својот одбранбен систем со оглед на влошениот квалитет на нивните активи – се вели во писмото на Банката на Италија, кое е испратено на раководителите на италијанските финансиски институции.

 

Вашингтон – Дефицитот на тековните плаќања на Соединетите Американски Држави е намален во последниот квартал во 2012 година, но тоа не спречи дефицитот за цела година да порасне на рекордно ниво во последните четири години. Во соопштението на американското министерство за трговија се наведува дека дефицитот на тековните плаќања во периодот од октомври до декември е намален на 110,4 милијарди долари, што е за 1,8 отсто пониско во однос на претходниот квартал. Тоа подобрување е резултат на поголемата заработка од странски инвестиции и зголемена добивка од трговија со услуги.

 

Загреб – Хрватската индустрија во јануари оваа година забележа раст на прометот на месечно ниво за 1,4 отсто, додека на годишно ниво прометот на индустријата паднал за 14,3 отсто, објави хрватскиот Државен завод за статистика. На овој начин трет месец по ред продолжи пад на прометот на индустријата на годишно ниво, откако во ноември лани бил забележан пад од 4,2 отсто, а во декември за 17,1 отсто. Статистиката на прометот на индустријата покажува дека на падот во јануари оваа година, во однос на јануари од минатата година, најмногу влијаел падот на продажбата на странскиот пазар кој изнесувал 34,3 отсто, додека на домашниот пазар бил 12 отсто.

 

Њујорк – Аналитичарите на Морган Стенли сметаат дека првото намалување на производството на цинк во Кина за 30 години и рекордната светска побарувачка ќе доведе оваа година до дефицит на тој метал по шест години суфицит. Како што прогнозираат експертите, оваа година побарувачката на цинк во светот ќе го надмине производството за околу 100.000 тони, што одговара на месечната потрошувачка во САД. Покрај тоа, тие проценуваат дека дефицитот на пазарот ќе трае најмалку четири години. До крајот на оваа година, цинкот ќе поскапе за 19 отсто, на 2.350 долари по тон, покаќа средната прогноза на 11 аналитичари кои ги анкетираше Блумберг.

 

Атина – Презадолжената Грција постави фискални цели кои не се остварливи, за разлика од Ирска, која успеа да зајакне, наведе Институтот за меѓународни финансии ИИФ. – Во Ирска мерките за буџетска консолидација беа болни, но полесно се остварија на политичко и социјално ниво – рече еден од директорите на ИИФ за Европа, Џефри Андерсон. –  Ирските цели беа остварливи, меѓутоа тие во Грција не се – порача тој.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП