Јапонскиот електронски гигант „Sony“ објави денеска дека до крајот на месецот во продажба ќе пушти нова, полесна, верзија на својата конзола за видео игри „PlayStation 4“ (PS4).
Функционалноста ќе биде иста како и кај почетниот модел, но неговата маса ќе биде намалена за 10 проценти, како и потрошувачката на енергија која ќе биде помала за осум отсто, наведено е во соопштението.
Продажбата на новиот модел ќе започне за неколку дена во Јапонија, а потоа постепено ќе биде проширена во остатокот од светот.
Цената на новата конзола на европскиот пазар ќе биде 399 евра, а на американскиот 399 долари.
Првиот „PS4“, лансиран во ноември 2013-та година, веќе е продаден во повеќе од 20 милиони примероци ширум светот и стана еден од двигателите во обновувањето на „Sony“ по долгата фаза на структурна криза.