Само неколку месеци откако го претстави својот прв паметен часовник, „Asus“ веќе ја подготви неговата втора генерација. За време на саемот „Computex“, што се одржува во Тајпеј, компанијата го покажа новиот „ZenWatch 2“, како и два таблети.
Часовникот има пропратно метално копче слично на „Apple Watch“. За жал единствената негова функција засега е да го вклучува и исклучува уредот. „ZenWatch 2“ ќе се нуди во две верзии – од 49 мм и 45 мм. Куќиштето е од нерѓосувачки челик во неколку бои, а дисплејот е заштитен од „Gorilla Glass“. Ременчињата се менливи и може да се гумени или од кожа, вклучувајќи и едни со кристали „Swarowski“.
Оперативниот систем е „Android Wear“, а часовникот нуди „магнетно полнење, што сериозно го подобрува времето за полнење“. Софтверот овозможува креирање на персонализиран основен екран на часовникот. Има и функција за управување на камерата на телефонот од часовникот. Засега компанијата не го прецизираше датумот на лансирниње на „ZenWatch 2“ и неговата цена.
„Asus“ претстави и два таблети – „ZenPad 8“ (Z380) и „ZenPad S 8“ (Z580CA). Како што нивното име сугерира, тие се со 8-инчни дисплеи, но имаат доста разлики во хардверот.
„ZenPad 8“ пример се потпира на процесорот „Intel Atom x3“, видеопроцесор „ARM Mali 450“ и има 1 GB или 2 GB RAM меморија. Резолуцијата на екранот е 1280х800, а вградените камери се 2 MP напред и 8 МР на задната страна. На располагање е и „LTE“ модул.
„ZenPad S 8“ ќе се потпира на „Intel Atom Z3580“, графички процесор „PowerVR G6430“ и има 4 GB RAM меморија. Резолуцијата на екранот е 2048х1536, а вградените камери се соодветно 5 МР и 8 МР. Таблетот е само со „WiFi“.
И двата таблети се потпираат на „Android 5.0“ за својот оперативен систем.
За нив ќе се нудат навлаки кои освен што ги штитат уредите, ќе можат да им даваат и дополнителни можности. Еден торбичка е со втора батерија, а другата е со вградени звучници за кои според компанијата се обезбедува 5.1-канално озвучение. Цените за таблетите и додатоците се уште не се објавени.